СДСМ денес на прес-конференција започна да ги открива шемите на фирмите од најблиското семејство на Мицкоски во Македонија и Бугарија.
„Во Петрич, Бугарија, на улица Антон Попов брј 57 е регистрирана фирмата ДАНО ТРАНС ЕООД, на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, од Струмица. Јанев кој важи за еден од најблиските соработници на Мицкоски, меѓу другото и фамилијарно поврзан, вртел пари преку оваа фирма. До 3 милиони бугарски лева биле свртени од оваа фирма во Бугарија, во 2018 година односно околу 1,5 милиони евра“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
Таа додаде дека во бизнисот не е само баџанакот на Мицкоски, туку на истата адреса, Антон Попов бр 57 во Петрич има уште една фирма, Инфинити транспорт група.
„Раководител и сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски. Го прашуваме денеска Христијан Мицкоски. Има ли фирми со исти или слични имиња и во Македонија? Дали овие фирми и овие лица се финансиери на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ?“, запраша Кузеска.
Таа исто така праша и колку милиони свртеле овие филми и каде завршиле тие пари – дали кај членови на семејството на Мицкоски или во ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку Мицкоски не одговори, СДСМ ќе ги објави сите информации за тоа кој навистина врти милиони“, рече Кузеска.