Лимоните и портокалите почнаа први да „исчезнуваат“ од тезгите и рафтовите, а по нив веќе се чувствува притисок и кај дел од тропското овошје како авокадо и ананас. Причината е застојот во камионскиот транспорт поради блокадите на товарниот сообраќај на граничните премини кон земјите од Шенген, што го прекина вообичаениот ритам на увоз и дистрибуција.
Превозничките компании од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од понеделник, 26 јануари, координирано започнаа протест со блокада на товарните терминали. Во Македонија, според најавите, не се блокираат лентите за патнички сообраќај, туку делот за камиони – на влез и излез, зависно од динамиката на протестот. Меѓу премините што се опфатени се Богородица, Деве Баир, Дојран, Ќафасан, Меџитлија, Блаце и други точки што се клучни за увозните рути.
Токму овошјето прво го покажува ефектот од ваков прекин: се носи „свежо“, со краток рок, и маркетите се потпираат на чести испораки, со ограничени залихи во магацин. Ако застојот потрае, трговците предупредуваат дека проблемот не останува само на цитрусите. По неколку дена без нормален доток, на удар доаѓаат и артикли што обично изгледаат „сигурни“ – конзервирана и пакувана храна, вклучително паштети и туна, затоа што и тие влегуваат во земјава преку истите дистрибутивни коридори и се дополнуваат со редовен камионски увоз.
Протестот е поврзан со правилото за престој „90 дена во 180 дена“ и со новиот начин на евиденција на влез и излез во Шенген-зоната, кој превозниците го оценуваат како неприменлив за професионални возачи што континуирано возат тури низ повеќе држави. Дел од здруженијата бараат посебен режим или изземање за транспортниот сектор, предупредувајќи дека, ако не се најде решение, ќе се наруши синџирот на снабдување, а штетите нема да ги почувствуваат само компаниите што извезуваат и увезуваат, туку и потрошувачите – преку повисоки цени и празни рафтови за основни производи.
Паралелно со домашните проценки, регионални стопански комори и медиуми известуваат дека блокадите на повеќе десетици премини кон ЕУ создаваат сериозни дневни загуби во извозот и договорни пенали за недоставена стока. Во таква ситуација, Македонија – како мал пазар што голем дел од храната ја обезбедува преку увоз – најбрзо ги гледа последиците токму во маркетите.