Од 14 до 29 октомври 2024 година, во Северна Македонија ќе се одржи XXIV издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот (SLIM), посветено оваа година на темата „Италијанскиот јазик и книгата: светот меѓу редови“. Неслучаен избор, во многу важна година за италијанското издаваштво, во која Италија беше поканета како почесен гостин на престижни меѓународни настани како што се Саемот на книгата во Варшава и во Франкфурт, како и овде во Северна Македонија со учеството на писателката Паола Перети на неодамнешниот саем на книгата Bookstar.
Организирана од страна на Амбасадата на Италија во соработка со еминентни локални институции, манифестацијата ќе понуди можност за задлабочување во италијанскиот јазик и култура, благодарение на богатата и разновидна програма наменета за публика од сите возрасти. Иницијативите всушност ќе понудат содржини од областа на литературата (со осврт на големите класици, но и на современи писателки) од лингвистиката, театарот, визуелните уметности и филмот, не изоставајќи ја и музиката преку концерти кои црпат инспирација од различни епохи и жанрови, како на пример италијанската оперска традиција, но и современата рап музика.
Официјалното отворање ќе биде во понеделник на 14 октомври со концертот „Пучини 100“, со кој ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на големиот италијански композитор Џакомо Пучини. Во Филхармонијата на Република Северна Македонија ќе настапи познатиот македонски тенор Благој Нацоски во придружба на пијанистката Елена Атанасовска и најдобрите студенти на мастеркласот што тенорот го одржа на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Програмата на вечерта ги вклучува најубавите арии од оперите на Пучини од кои дел ќе бидат премиерно изведени во државава. Покрај рециталот, во интермецата Нацоски ќе нѐ воведе и во животот и кариерата на еден од најголемите италијански композитори во историјата и тоа низ анегдоти, приказни и биографски податоци – раскажани на италијански и македонски јазик.
Следниот ден, вторник, 15 октомври, на Универзитетот во Штип, заменик-шефот на мисија, Марио Де Роза, ќе одржи семинар за италијанската поезија од дваесеттиот век, истражувајќи значајни автори и теми од тој период.
Во среда на 16 октомври во Европската куќа во Скопје ќе се одржи книжевна средба со Дача Мараини. Познатата италијанска писателка ќе разговара со професорката Дагмар Рајхард (Универзитет во Рига) за преводот и рецепцијата на нејзините дела низ светот. Ќе бидат претставени и македонските преводи на нејзините романи, во присуство на локални издавачи и преведувачи. Ќе биде презентиран и најновиот превод на романот „Трио“ на Дача Мараини (Рицоли, 2020 година) изработен на преведувачката работилница организирана од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ.
Четврток, 17 октомври, ќе биде посветен на меѓународната конференција организирана по повод 65-годишнината од Италијанските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на која ќе се обратат и писателката Дача Мараини и лингвистката Вера Гено, којашто ќе одржи пленарно предавање на тема „Јазикот е политика: дијахрониски и синхрониски размислувања за прашањето на родот во италијанскиот јазик“. Преку видео-конференција професорот Рино Капуто од Универзитетот Тор Вергата во Рим ќе ги анализира случаите на родово насилство во италијанската литература, со примери земени од делата на Данте, Бокачо и Пирандело.
Отворањето на конференцијата ќе се одржи во Ректоратот на УКИМ, а работата на конференцијата ќе се одвива на 17 и 18 октомври на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со учество на 45 еминентни научници од Италија и од регионот, кои ќе дискутираат на различни теми поврзани со прашањата на родот, јазикот, книжевноста, културата, дигиталното доба и сл.
Настаните ќе продолжат во петок на 18 октомври со видео-конференција во Конференциската сала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на која професорот Рино Капуто од Универзитетот во Рим Тор Вергата ќе разговара за случаите на родово насилство во италијанската литература, со примери земени од делата на Данте, Бокачо и Пирандело. Истиот ден, во Младинскиот центар во Струмица, Здружението „Quo Vadis Ad Astra“ во соработка со Општина Струмица ќе организира изложба со наслов „Италија во минијатура – иконични споменици и симболи“. Станува збор за 3Д креации – создадени од ученици од основните училишта во Струмица кои го изучуваат италијанскиот јазик како втор странски јазик – инспирирани од некои од најславните споменици во Италија, како што се Колосеумот во Рим и Кулата во Пиза. Ќе следат интерактивни игри, активности за деца со боење на лице и музичка програма.
За време на викендот, програмата на Неделата на италијанскиот јазик предвидува и комична театарска претстава „The acting class/Час по глума“, замислена и напишана (на италијански и англиски јазик) од Франческа Биѕари и Гофредо Пучети. Забавниот театарски перформанс – организиран во соработка со Италијанскиот културен институт од Белград – ќе се одржи на сцената на Младинскиот културен центар во Скопје во сабота на 19 октомври и во гостиварскиот театар во недела на 20 октомври.
Следниот ден, понеделник, 21 октомври, во Центарот за обука при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, професорките Ева Ѓорѓиевска и Јована Караникиќ Јосимовска ќе одржат семинар насловен: „Светот е книгата – италијанските писатели и научници и новата визија на светот во ерата на барокот, просветителството и неокласицизмот“. Исто така, на 21 октомври, по повод 150-годишнината од Националниот планински музеј во Торино и 70-годишнината од италијанското освојување на врвот К2, во Кинотека на Република Северна Македонија ќе биде прикажан документарен филм за италијанското планинарство со наслов „Патеката на Тони“ (2023 година) во режија на Антонио Бокола. Вечерта ќе биде отворена со фотографска изложба курирана од Планинскиот музеј во Торино.
Во петок на 25 октомври ќе се преселиме во Битола, поточно во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ каде учениците од Гимназијата и Јазичниот центар „Лингва“ ќе презентираат видео-запис во нивна реализација под наслов „Италијанскиот јазик на битолските ученици“ кое раскажува за врската на учениците со италијанскиот јазик.
Вечерта на 25 октомври во клубот Минус Еден во Скопје ќе се одржи концерт организиран во соработка со Амбасадата на Швајцарија во Скопје, на кој ќе настапи популарниот италијанско-швајцарски рапер и фристајлер Матак заедно со добро познатиот македонски диџеј Гоце и со хип-хоп артистот Фанки Нано. Настанот ќе донесе на сцената енергичен перформанс, базиран на технички рап и текстови кои се занимаваат со разни лични, социјални и културни прашања.
Широката палета настани на ова издание на Неделата на италијанскиот јазик ќе заврши вечерта ќе заврши на 29-ти октомври со презентација на низа активности како што се изложби, квизови, видео-проекции и литературни читања, организирани од македонското Здружение на професори по италијански и реализирани од ученици кои ќе ја претстават својата креативност комбинирајќи ја со страста за италијанскиот јазик.
Најавувајќи ја манифестацијата, амбасадорот Андреа Силвестри истакна дека „географската и културолошка близина меѓу Италија и Северна Македонија, како и широчината на нашите билатерални односи претставуваат плодна почва за унапредување на италијанскиот јазик во оваа земја, кој бележи се’ поголем успех“. „Успех – продолжи тој – за кој сведочат над три илјади ученици и студенти од различни училишни и академски нивоа, како и многубројни вљубеници во италијанската култура, а кој ова издание на Неделата на италијанскиот јазик има намера да го подобри и зголеми“.
Деталната програма може да се консултира на веб-страницата www.ambskopje.esteri.it и на социјалните мрежи на Италијанската амбасада во Скопје (FB Ambasciata d’Italia in Skopje e X @ItalyinMKD).