Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Богоев: Далеку од нормалност и од реалност е да се очекува ВМРО-ДПМНЕ да има мнозиство

„Ве убедувам дека далеку од нормалност и од реалност е да се очекува ВМРО-ДПМНЕ да има мнозиство. Тие филмови што ги презентираат на нивното членство 61 пратеник е светлосни години далеку од реалноста“, истакна Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ24.

Во однос на истражувањата, тој додаде дека дебело мнозинство на граѓани на анкетите низ годините, и сега се за членство на Македонија во ЕУ.

„Од таму ја црпиме сигурноста дека проевропскиот блок предводен од СДСМ ќе оствари победа и ќе формира влада по изборите“, потенцираше Богоев.

Тој заклучи дека луѓето не сакаат да одат во изолација каква што нудат Мицкоски и Апасиев.

„Тој филм е гледан 11 години – филм на тепање на студенти, загушени новинари“, додаде потпретседателот на СДСМ.

За изборот Талат Џафери да биде премиер на техничката влада до изборите, Богоев рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица создаваат лажни перцепции за претседателот на Собранието.

„Гледачите нека си го вратат филмот во овие 4-5 години што лошо се случи со Талат Џафери во Собрание. Дали тој ја посрами Македонија негде? Такво нешто не сум видел“, истакна Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ24.

Тој заклучи дека етничкиот претзнак е небитен, и дека е битно човекот да е професионалец.

„Јас не сум видел да направи Џафери скандал што ќе ја посрамоти мојата држава, ама сум видел тепање во Собрание, на два пати кога претседател на Собрание беше од ВМРО-ДПМНЕ. Од едното тепање и јас бев дел, и јас бев тепан“, потенцираше Богоев во емисијата „Трилинг“ на ТВ24.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново