Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница едногласно ја утврди предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
Според Изборниот законик, политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на ДИК, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на ДИК. Сите нив ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
СДСМ за претседател на ДИК го предложи Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право и современи европски студии од Скопје, а за член Борис Кондарко, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ ги предложи тројцата членови – Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, и Светлана Карапетрова, дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово.
ДУИ за член на ДИК ја предложи Дитмире Шеху, дипломиран правник од Гостивар.
Движењето Беса, која е дел од коалицијата „Вреди“, за потпретседател на ДИК го предложи Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки финансии од село Непроштено – Теарце.
За седумчлениот нов состав на ДИК пријавени беа вкупно 16 кандидати.
Државната изборна комисија е составена од седум члена (претседател, потпретседател и пет други члена). Членови на ДИК може да бидат државјани на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да се дипломирани правници со најмалку осум години работно искуство како правници и да не бидат членови на орган на политичка партија.