„Јас секаде спомнувам неколку примери каде сме биле јас и Тошковски во различни ситуација, на пример јас на 27 април јас бев вработен во Собрание, еден од тие во прес-салата, а Тошковски беше еден од адвокатите кои ги бранеше тие на 27 април. Така што и од приватна и од професионална гледна точка сме многу различни“, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во утринската програма на телевизијата Клан.
Тој додаде дека сепак, на крајот треба да победат аргументите од правен аспект и од аспект на безбедноста на граѓаните.
Во врска со најавите за распоредување на дополнителни полицајци во Тетово и Гостивар од страна на техничкиот министер Тошковски, Бојмацалиев рече дека тоа е работа на директорот на Бирото за јавна безбедност, кој има златна команда.
„Тој ги носи одлуките, со колкаво присуство на полиција и каде ќе има. Доколку се појават информации кои локалниот штаб ќе ги прати до централниот од било кој град ќе се донесе одлука и ќе има засилено полициско присуство“, рече Бојмацалиев.
Со негласањето на уставните измени и оттргнувањето од патот на ЕУ се остава простор за руско влијание, посочи Бојмацалиев.
„Тоа е една од причините кои ме загрижуваат за негласањето на уставните измени. Со тоа го отвораме патот и ја рушиме довербата во ЕУ. А ЕУ е единствениот пат за нашата земја“, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во утринската програма на Клан.
Тој додаде дека поголемиот број од граѓаните се поддржувачи на европскиот пат, а само една мала група поддржуваат некој друг пат, за кои и самите не знаат кој е тој.
„И ако ги прашате тие политичари кои велат не за ЕУ кој е другиот пат и тие самите не знааат. И не знаат за кој пат се тие и кој ги финансира во суштина да го прават сето тоа“, рече Бојмацалиев.
Тој додаде дека поголемиот број граѓани се свесни дека ЕУ е единствениот пат и дека доаѓа од партија која силно ќе се бори за тоа.