Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и директорот на Градската Општа болница „8-ми Септември” д-р. Христијан Костов утрово присуствувале на првиот меѓународен реализиран лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР, со кој за медицински цели било транспортирано лице – пациент од Скопје до Виена, Австрија, соопштија од МВР.
– Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на двете Министерства за внатрешни работи и Министерството за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните, туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции, истакнал Бојамацалиев.
Тој појаснил дека употребата на Медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи. Во оваа прилика Бојмацалиев упатил честитки до вклучените во проектот.
– Упатувам честитки до нашите тимови за темелната подготовка и соработка помеѓу МВР и медицинскиот персонал од Градската Општа болница „8-ми Септември”, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи. Дозволете во оваа прилика да изразам благодарност до сите учесници во овој успешен проект, особено до Владата на Република Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи кои во духот на нашето пријателство пред неколку месеци обезбедија дел од оваа значајна медицинска опрема, рекол Бојмацалиев, посакувајќи мирно небо и успешен транспорт.
Од страна на директорот на ГОБ „8ми Септември”, д-р Христијан Костов, се додава во соопштението, било истакнато дека во најкраток временски период се докажа подготвеноста и кооперативноста на МВР и МЗ, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
– После интензивни договори, болницата набави и вгради најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти во медикоптерот за итен медицински транспорт. Заедно со Министерството за внатрешни работи ја утврдивме медицинската и безбедносната маршута на движење на медикоптерот, со цел безбедно пристигнување на нашиот пациент во придружба на искусен медицински тим за интензивно лекување до Клиниката во Виена. Пред се’ како здравствено лице и како директор на ГОБ 8ми Септември, упатувам честитки до сите тимови вклучени во проектот за темелната подготовка и соработката помеѓу МВР и медицинскиот персонал од нашата болница, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случа”, истакнал директорот Костов.
Фото: МВР
видео: МВР