Пем Бонди е поранешна американска јавна обвинителка и една од блиските политички соработнички на Доналд Трамп, која во изминатиот период се најде во центарот на вниманието поради начинот на кој Министерството за правда се справуваше со документите и истрагите поврзани со Џефри Епстајн. Токму затоа нејзиното име сега не е само дел од американската дневна политика, туку и клучна фигура во спорот околу тоа дали јавноста и Конгресот добиле целосен увид во еден од најконтроверзните случаи во САД.
Бонди нема да сведочи за Епстајн на 14 април, иако Комитетот за надзор и владина реформа на Претставничкиот дом претходно ѝ издаде судски повик за затворена депозиција во рамки на истрагата за начинот на кој Министерството за правда ги водело и објавувало документите поврзани со Џефри Епстајн и Гислејн Максвел. Според најновата позиција на Министерството за правда, Пем Бонди повеќе не мора да се појави затоа што била повикана во службен капацитет како јавен обвинител, а таа функција веќе не ја извршува.
Оваа разврска е особено чувствителна затоа што повикот до Бонди не дојде како рутинска формалност, туку по видлив бунт и во самата републиканска база. Комитетот гласаше да ја принуди да сведочи, а дел републиканци им се придружија на демократите, што беше јасен знак дека незадоволството од управувањето со т.н. „Епстајн-досиеја“ одамна ја надмина партиската линија. Официјалното образложение на комитетот беше дека се испитува можно лошо водење на федералната истрага, околностите околу смртта на Епстајни усогласеноста со законските обврски за транспарентност.
Во меѓувреме, политичката сцена целосно се помести. Доналд Трамп ја отстрани Бонди од функцијата, а за вршител на должност е поставен нејзиниот заменик Тод Бланш, поранешен личен адвокат на Трамп. Токму оваа кадровска промена сега стана клучниот аргумент на Министерството за правда дека Бонди не е должна да се појави пред Конгресот, што во пракса значи дека едно од централните лица во спорот околу Епстајн-фajловите се извлекува од директно испрашување токму кога комитетот требаше да ја соочи со прашања под заклетва.
Политички најнепријатниот дел од целата приказна е што одговорноста повторно се лизга по институционална техничкост. Наместо јавно расчистување зошто дел од документите беа пречекани со обвинувања за доцнење, редигирање и недоволна транспарентност, Вашингтон добива нова правна бариера зад која главниот сведок исчезнува од рочиштето. За жртвите, за јавноста и за конгресната истрага, тоа значи дека едно од најважните прашања останува отворено: дали смената на функцијата навистина ја гаси обврската да се објасни што се случувало додека таа функција се извршувала.