Шефовите на дипломатии на ЕУ заземаа цврст став со барање до сите страни на Блискиот Исток да покажат воздржаност по последните случувања од изминатиот викенд и да не дозволат регионот да западне во тотална војна, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по денешното вонредно заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.
– Нападот со дронови и проектили врз Израел од страна на Иран е без преседан во буквална смисла на зборот, бидејќи досега никогаш не се случил ваков воздушен напад. Ова секако претставува и голема ескалација на и онака веќе тензичната ситуација во регионот, рече Борел.
Тој потсети дека на заседанието на Советот за безбедност на ОН во неделата, генералниот секретар на Светската организација, Антони Гутереш оцени дека регионот на Блискиот Исток е доведен на работ на амбисот, па затоа, според Борел, меѓународната заедница мора да преземе чекори да го тргне од таму.
– Мораме да го оттргнеме регионот од работ на амбисот, порача Борел.
Според него, ако во сегашната ситуација се користи логиката на шаховската игра и на секој напад се одговора со противнапад, тоа ќе го доведе Блискиот Исток до тотална војна.
– Тоа не ни е потребно. На Блискиот Исток не му потребна тотална војна, што ќе го зафати целиот регион. Не му е потребна ни на светот. Не им е потребна ни на луѓето во Газа, истакна Борел, додавајќи дека ако војната се прошири низ целиот регион, тоа нема да го запре конфликтот во Газа и само ќе го зголеми страдањето на луѓето во Појасот.