Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел го повика Израел да дозволи пристап до персоналот на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) во Појасот Газа и да ги издаде потребните визи за ОН и хуманитарен персонал.
– Тие (персоналот) играат незаменлива улога во обезбедувањето помош на погоденото цивилно население во Газа, објави Борел на платформата Икс.
Американскиот Стејт департмент денеска објави дека шефот на УНРВА, Филип Лазарини и персоналот на ОН треба да се во можност да ги посетат териториите што ги помага Агенцијата, вклучително и Појасот Газа.
Од јануари, неколку земји, вклучително и САД, го прекинаа финансирањето на Агенцијата на ОН, откако Израел обвини дека неколкумина од околу 13.000 вработени на УНРВА во Појасот Газа биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври. Некои од овие земји, како што се Шведска, Канада и Австралија, неодамна продолжија да обезбедуваат финансиска помош за УНРВА.