По мировната конференција во Швајцарија за Украина, каде што беше отворен дипломатски пат, го видовме одговорот на (рускиот претседател Владимир) Путин со посети на Северна Кореја и секаде каде што може да добие оружје, очигледно се подготвува за долга војна, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел пред почетокот на денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Луксембург.
Тој истакна дека треба да продолжат дипломатските напори и да се зголеми помошта за Украина.
Според него следната недела се очекува Украина да го добие првиот дел од вкупно 2,5 милијарди евра приходи од запленетиот руски имот, кој треба да биде насочен кон обезбедување воена поддршка за Киев.
Борел посочи дека денеска ќе им предложи решение на министрите за надворешни работи на ЕУ за заобиколување на отпорот на Унгарија за користење на приходите од запленетиот руски имот во корист на Киев.