Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борел: За крај на војната ќе се преговара под услови кои се поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека војната во Украина би завршила за 15 дена кога западните сојузници би престанале да го поддржуваат Киев.

– Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно поскоро. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за 15 дена војната ќе заврши и (рускиот претседател Владимир) Путин ќе ги постигне неговите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците?, изјави Борел во интервју за шпанскиот весник „20 минути“ (20 minutos).

Тој повтори дека сојузниците мора да направат сè што е во нивна моќ за, кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови кои се поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.

Борел се осврна и на судирите на Блиски Исток, истакнувајќи во ЕУ постојат различни ставови за правото на Израел за самоодбрана.

– Недвосмислено се согласивме да го осудиме тероризмот на Хамас, дека мора да ја деескалираме ситуацијата, дека мора да има прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците и дека мора да се спроведе двонасочно решение. Но, секако има различни ставови за тоа како Израел го користи своето право да се брани, што секако спречи ефективни мерки за притисок во овој поглед, истакна Борел и повтори оти континуираното убивање на цивили во Појасот Газа покажува дека не се почитува меѓународното хуманитарно право.

Тој предупреди дека неопходно е да се запре спиралата на насилство, што се шири во Либан, а можеби и врз Иран.

– Поголемиот дел од меѓународната заедница е за создавање на палестинска држава, на што за жал се противи (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху. Штотуку формиравме Глобална алијанса на држави за да ја постигнеме оваа цел. Ова е од суштинско значење, бидејќи без тие две држави никогаш нема да има мир и безбедност во регионот, особено за самиот Израел, предупреди Борел.

Тој додаде дека регионалната војна би била „несомнено лоша“ вест за Европа, бидејќи Блискиот Исток е во соседството на Европа, но и за целиот свет.

Според Борел признавањето на палестинската држава е одговорност на секоја земја членка на ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново