Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жосеп Борел пред средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, изјави дека „вложува напори српско-косовскиот дијалог да го доведе до оперативно решение“ за спроведување на Охридскиот договор, јави дописникот на МИА од Белград.
На маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите во Луксембург, Борел им рече на новинарите дека сега тоа е клучно, бидејќи членките на ЕУ го разгледуваат неговиот предлог барем за постепеното укинување на санкции за Косово.
– И тоа може да создаде сценарио во кое Дијалогот, не велам дека ќе се обнови, но барем нема грубо да се прекине, соопшти високиот претставник на Унијата.
– Двајцата лидери (на Србија и на Косово) се состануваа долго време во рамките на Дијалогот и јас не сакам тој да заврши пред да го завршам мојот мандат, рече Борел.
Високиот претставник на ЕУ објасни дека Приштина и Белград „од една или друга причина не биле во можност да го спроведат тој договор“, но рече дека „сега е неопходно да се обноват состаноците на високо ниво за да се знае каде сме“.
Според најавата на ЕЕАС, Борел и Лајчак утре во Брисел прво одделно ќе разговараат со Вучиќ, а потоа со Курти, по што ќе следи заедничка средба на високите претставници на ЕУ и српскиот претседател и косовскиот премиер.