Многу прашања во врска со заемот на Владата на Македонија од Унгарија поставува економистот и аналитичар Бранимир Јовановиќ, а на кои одговор треба да даде премиерот Христијан Мицкоски.
Јовановиќ, кој е дел од тимот на реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, во интервју за „Независен весник“ зборува за ребалансот на Буџетот објавен минатата недела, но и за другите економски политики кои ги води новата Влада.
Во делот за заемот од Унгарија, Јовановиќ вели дека не е непозната пракса задолжувањето кон друга држава, наместо кон финансиска институција, но постојат многу непознати поврзани за конкретниот заем. Основните прашања се кои се неговите услови, дали има некои скриени клаузули, дали има некое обезбедување за Унгарија доколку не го враќаме заемот, вели Јовановиќ, но продолжува:
„Зошто Унгарија ни дава заем, кога не е позната како земја која плива во пари, туку напротив, како земја која е зависна од ЕУ фондовите? И зошто земаме заем баш од Унгарија? Дали мотивите се само политички, или има и нешто друго? Дали во целата игра е вмешан некако и поранешниот премиер Груевски, кој се чини сè уште има силно влијание во новата владејачка партија? Конечно, дури и да е заемов само поради ширење на унгарското влијание во регионов – дали ни треба такво нешто на нас како држава во моментов?“, се прашањата што ги ппставува Јовановиќ.
Имајќи ја предвид позицијата на Унгарија и нејзината репутација во Европската Унија, Јовановиќ прашува дали треба Македонија да се зближува со „црната овца“ и најпроблематичната членка на ЕУ.
„Дали овој потег е најдобар во ситуација кога имаме блокирани евроинтеграции и се чини нерешлив спор со Бугарија, и згора на тоа отвораме и нов фронт со Грција? Дали самите си ставаме уште еден трн во ногата и дополнително се самоизолираме, и каква корист ќе имаат македонските граѓаните од сево ова? Многу прашања на кои одговор може да даде само премиерот Мицкоски“, вели Јовановиќ во интервјуто.
Јовановиќ појаснува дека вакви слични заеми пред некоја година оствариле и неколку земји од регионот. Србија пред неколку години зеде заем од Обединетите Арапски Емирати, Црна гора, пак, имаше проблеми со враќање на кредит од Кинезите поради што во прашање беше доведено и пристаништето во Бар како гаранција за кредитите од Кина.