По повеќе од десет години активен онлајн активизам, новинарството и културното дејствување, Бранко Прља објави дека се повлекува од својата редовна работа во социјалните мрежи, оставајќи простор за помладите генерации да ја продолжат борбата за подобро општество.
Прља, кој е основач на познатата Facebook-група „Дај, не фрлај“ со над 70.000 членови и стотици илјади предмети спасени од депониите, истакна дека неговата мисија секогаш била јавниот активизам и градењето свест кај граѓаните, а не лична промоција.
„Фејсбук отсекогаш ми бил алатка за општествена промена. Никогаш не го користев за лични цели. За мене секогаш беше поважна заедницата отколку јас самиот“, напиша Прља.
Покрај „Дај, не фрлај“, тој создаде уште 15 други заедници посветени на екологија, култура, образование, наука и технологија, кои денес имаат свој живот и растат без негово активно учество.
Прља посочува дека делумно се повлекува и поради разочараност од лошите состојби во државата – загадување, депонии, неправди и неуспех во решавање на многу еколошки и социјални проблеми. „Сите овие приказни што ги носам длабоко во себе ме истрошија и ме натежнаа со депримираност“, додава тој.
И покрај повлекувањето од онлајн активизмот, Прља ќе продолжи да пишува на својот портал Arno.mk, каде што објави илјадници текстови за екологија, наука, култура и општествена одговорност. Тој планира да патува, да создава графити-патеписи и да се врати на чистата литература, како и да се впушти во нови проекти.
„Времето си го прави своето. Чувствувам дека дојде момент да се свртам кон себеси и моето семејство, а борбата за подобро општество да ја препуштам на помладите. А ги има, и тоа многу: со енергија, идеи и иницијатива“, вели Прља.
Дел од групите што ги создаде Прља низ годините, како „Дај, не фрлај“, „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“ и „Графит.мк“, може да се најдат на овој линк: https://www.facebook.com/arno.mk.portal/posts/941853713362408.