Брисел 600 дена без Влада: Граѓаните излегуваат на улица, револтот расте

Точно 600 дена по регионалните избори, Брисел сè уште е без влада. Вечерва во белгиската престолнина ќе се одржи протест под мотото „600 дена без Влада“, организиран од граѓанските здруженија „Почитувајте го Брисел“ и „Ние сме Брисел“, со цел да се изрази револтот од долготрајната политичка блокада.

Протестот се одржува на денот кога се навршуваат точно 600 дена од изборите во јуни 2024 година, по кои сè уште не е формирана регионална влада на Брисел.

Организаторите најавуваат дека ова е веќе седми протест по ред, а повод за новото излегување на улица е и последниот политички неуспех – враќањето на мандатот од страна на посредникот Иван Веругстрат, што практично ги урна надежите дека Брисел наскоро ќе добие функционална влада.

„600 дена без влада значи 600 дена без лидер кој ќе се залага за интересите на Брисел“, изјави претставникот на организаторите, Ерик Вандезанд.

Според него, политичкиот вакуум директно влијае врз клучните прашања во градот, особено во областа на азилот и миграцијата.

„Федералната влада ги концентрира последиците од својата неуспешна миграциска политика токму во Брисел. Денес зборуваме за околу 10.000 бездомници и повеќе од 100.000 илегални имигранти. Кој конечно ќе ја преземе одговорноста?“, праша Вандезанд.

Организаторите предупредуваат дека отсуството на функционална власт сериозно ги оптоварува социјалните служби, ја разнишува довербата во економијата и доведува до застој на јавните проекти, но и до губење работни места.

Дополнително, како што наведуваат, под ризик се и клучни сектори како:

  • безбедноста
  • домувањето
  • здравствената заштита
  • социјалната заштита
  • борбата против сиромаштијата
  • инвестициите во мобилност и јавен простор

Со протестот, граѓанските организации бараат итно политичко решение и крај на институционалната парализа која, според нив, го турка Брисел во длабока социјална и економска криза.

Зачлени се на нашиот е-билтен