Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, денеска на прес-конференција во Брисел реагираше на изјавата на вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, кој минатата недела рече дека има информации оти е препорачано укинување на мерките од ЕУ кон Косово.
Стано, како што пренесуваат медиумите во Приштина, нагласи дека извештајот за чекорите преземени од Косово за исполнување на неговите обврски е делегиран на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел од Советот на ЕУ, но додаде дека нема потреба никој однадвор да шпекулира за содржината и времето на известувањето.
– Не ни треба некој од надвор да шпекулира за содржината и распоредот. Тоа ќе биде направено во време погодно за високиот претставник и земјите-членки, кои први ќе ја видат и ќе дискутираат за содржината, пред да ги донесат потребните одлуки. А кога тоа ќе се случи, тогаш ќе ги објавиме резултатите. Нема простор и причина за јавни шпекулации од различни актери, изјави Стано.
Тој нагласи дека извештајот на Борел за Косово е „институционално прашање меѓу високиот претставник и земјите членки“.
– Ова е институционално прашање меѓу високиот претставник и земјите членки. Земјите членки се тие кои побараа извештај и секако високиот претставник ќе го испрати извештајот до земјите членки. Тие први ќе знаат кога ќе се случи и што содржи извештајот, а тоа се уште не се случило, потенцира Стано.
Минатиот четврток, на 13 јуни, вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека има информации оти во извештајот на Борел е препорачано укинување на мерките на ЕУ кон Косово.
Во собраниската Комисија за евроинтеграции, Бислими рече дека „содржината на извештајот е позитивна“, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Извештајот на господинот Борел е предуслов за зачленување во Советот на Европа, тој беше изготвен во април, но имаше двоумење да се испрати до Комисијата. Извештајот требаше да биде доставен (на 11 јуни), но дел од Комисијата побара мало одложување… Информациите што ги имам се дека содржината на извештајот е позитивна и препорачува укинување на мерките, рече Бислими.
Рестриктивните мерки против Косово беа воведени пред една година, како резултат на ескалацијата на безбедносната состојба на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, кога официјална Приштина ги смести во општинските згради градоначалниците Албанци избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите.
Мерките вклучуваат привремено суспендирање на работните групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на состаноци на високо ниво и суспензија на билатералните посети.
Исто така, суспендирано е програмирањето на средствата за Косово, кои беа планирани да се испорачаат преку Инвестициската рамка во Западен Балкан и ИПА 2024 (Претпристапни инструменти).
По казнените мерки, Косово остана надвор од грантовите што ЕУ ги одобри во јули минатата година, во износ од 2,1 милијарди евра.