Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Брисел се подготвува за трговска војна со САД доколку Трамп победи на изборите

Во Брисел се подготвуваат за ситуацијата доколку Доналд Трамп повторно победи на изборите во САД за две недели. Земјите од ЕУ и Европската комисија се координираат за како цврсто да одговорат на потенцијалните закани за трговијата.

Како што објави весникот „Политико“, неколку европски дипломати потврдија дека земјите од блокот се подготвуваат за трговската војна на Трамп, доколку тој победи на изборите и по вторпат стане претседател на САД.

„Ќе удриме брзо и ќе удриме силно“, рече висок европски дипломат за планот на ЕУ да одговори на трговската војна на Трамп. Друг висок дипломат потврди дека земјите од ЕУ ги координираат потезите со Европската комисија на чело.

„Брисел има список кој е подготвен и тие се прилично сигурни дека можат да победат во оваа трговска војна“, рече друг дипломат.

Европската унија, наводно, формирала работна група за брз одговор за да се подготви за последиците од изборите во САД.

Групата, која е дел од Европската комисија, официјално се подготвува за победа и на демократите и на републиканците. Сепак, претставниците на ЕУ неформално ја нарекуваат „Трамп оперативна група“.

Потегот доаѓа откако Трамп објави дека, доколку биде реизбран, ќе воведе општи царини од 10 или 20 отсто на увозот од, како што рече, пријателски и непријателски земји.

На митинзите и дебатите тој особено ја истакнуваше Европа, а особено германската автомобилска индустрија.

Експертите велат дека ако Трамп ја оствари таа закана, последиците би можеле да бидат тешки не само за Германија, туку и за повеќето големи европски економии.

Производителите како Фолксваген, БМВ и Дајмлер имаат фабрики во Шпанија, Полска, Белгија, Чешка, Унгарија, Романија и други земји, и набавуваат делови за автомобили низ ЕУ.

Сепак, ЕУ е повеќе склона да преговара, бидејќи сметаат дека Трамп, иако брз во реториката, сака да преговара.

„Тој во суштина е трговец“, рече трет дипломат, потсетувајќи на преговорите на Трамп за трговските договори со Мексико и Канада, како и договорите со Јужна Кореја, Јапонија и Кина.

Дипломати и официјални лица велат дека лидерите на ЕУ веруваат дека брзиот и силен одговор ќе го доведе Трамп побрзо на преговарачка маса.

Целта е да се предизвика толкава штета што Трамп е принуден веднаш да преговара, со подготвеност и подобра позиција на Европската унија.

Претходно, Брисел беше фатен неподготвен во 2018 година, кога Трамп првпат воведе царини за челик и алуминиум од ЕУ, само делумно возврати, надевајќи се дека ќе го деескалира конфликтот.

Извор: Бизнис.рс

Зачлени се на нашиот е-билтен