Бриселската непрофитна организација Центар за европски политики (EPC) го откажа најавениот брифинг со претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ, кој требаше да се одржи на 12 септември во Брисел, дознава агенцијата Бета.
Според извори на агенцијата, раководството на EPC одлучило да го откаже настанот откако се запознале со неодамнешните изјави на Брнабиќ за наводната улога на Европската унија во поттикнувањето на протестите во Србија.
EPC денеска кусо соопшти дека брифингот се откажува „поради непредвидени околности“ и изрази жалење за непријатностите, без да го наведе конкретниот повод.
Брнабиќ требаше да биде единствен учесник на брифингот под наслов „Србија: Стратешки важен кандидат на критична раскрсница“, на кој требаше да зборува за политичката ситуација во земјата, реформите, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и регионалната стабилност.
И покрај откажувањето, таа во петок сепак ќе престојува во Брисел, каде ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и со претставници на Европската комисија.
Мецола најави дека со Брнабиќ ќе разговара и за навредите што претседателот на Србија Александар Вучиќ неодамна им ги упати на европратениците од Зелената партија, кои во петок присуствуваа на протест во Нови Сад.
Во интервју за Европската редакција (ENR), Мецола порача дека Србија мора да се однесува со почит кон Европскиот парламент и неговите членови, додавајќи дека за тоа веќе разговарала со премиерите на земјите-членки на ЕУ.