Британија ја гради првата мала нуклеарна централа – ќе биде во северен Велс

Британија денес објави дека го одбрала северниот дел на Велс како локација за својата прва нуклеарна централа со мал модуларен реактор (SMR), продолжувајќи ги плановите за проширување на националната нуклеарна енергетска инфраструктура.

Владата во јуни објави дека ќе потроши 2,5 милијарди фунти (околу 2,8 милијарди евра) за изградба на вакви мали модуларни реактори, кои се поевтини и побрзи за изградба од големите нуклеарни централи, со цел да се зголеми енергетската безбедност и да се помогне во исполнување на климатските цели.

Одлуката Британија да ја избере Вилфа (Wylfa) на островот Англси во северен Велс за локација на првата SMR централа беше критикувана од американскиот амбасадор, кој даде невообичаено остра изјава во пресрет на објавата.
Соединетите Американски Држави се залагаа за поголем проект во Вилфа, каде што претходно се наоѓала стара нуклеарна централа затворена во 2015 година.

Се градат и две големи нуклеарни централи

Британската влада соопшти дека проширувањето на нуклеарната програма може да вклучи и изградба на нова голема централа, додавајќи дека државната компанија GB Energy–Nuclear има задача да пронајде соодветна локација за таа голема централа до есента 2026 година.

Во јуни, владата го одбра дизајнот на Rolls-Royce за малите реактори. Новите мини-реактори таму ќе произведуваат енергија доволна за три милиони домаќинства и ќе поддржат до 3.000 работни места во локалната заедница за време на изградбата, со план реакторите да бидат приклучени на мрежата во текот на 2030-тите години.

Во Британија моментално се градат две големи нуклеарни централи – една во Hinkley Point во западна Англија и една во Sizewell во источна Англија.

Зачлени се на нашиот е-билтен