Британија најави драстична промена на политиката кон мигрантите

Британија најави дека ќе спроведе најголема ревизија на азилната политика во современата историја, инспирирана од данскиот модел – еден од најрестриктивните во Европа, кој често е критикуван од организациите за човекови права.

Лабуристичката влада ја заострува имиграциската политика, особено кон илегалните премини со мали чамци од Франција, додека се обидува да ја сопре сè поголемата поддршка за популистичката партија Reform UK, која ја наметнува темата на имиграцијата и ги тера лабуристите на построг став.

Што се менува?

Како дел од реформите, законската обврска да се обезбедува поддршка за одредени баратели на азил – вклучувајќи сместување и неделни надоместоци – ќе биде укината, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Министерството, предводено од Шабана Махмуд, наведе дека мерките ќе важат за баратели на азил кои можат да работат, но избираат да не работат, како и за оние што го прекршуваат законот. Поддршката финансирана од даночните обврзници ќе биде насочена кон оние кои придонесуваат за економијата и за локалните заедници.

Очекува се Махмуд во понеделник да ги презентира деталите за мерките за кои Министерството тврди дека ќе ја направат Британија помалку привлечна за илегалните мигранти и ќе го олеснат нивното отстранување.

„Оваа земја има горда традиција на пречекување на оние што бегаат од опасност, но нашата великодушност привлекува илегални мигранти преку Ла Манш“, рече Махмуд. „Темпото и обемот на миграцијата вршат огромен притисок врз заедниците.“

Повеќе од 100 британски добротворни организации ѝ напишале на Махмуд, повикувајќи ја да престане со „правењето мигранти жртвени јагниња и со перформативни политики што предизвикуваат штета“, предупредувајќи дека таквите чекори поттикнуваат расизам и насилство.

Анкетите покажуваат дека имиграцијата, заедно со економијата, е најголема грижа на гласачите. Во годината што заврши во март 2025 година, околу 109.300 луѓе побарале азил во Велика Британија, што е зголемување од 17% во споредба со претходната година и 6% над врвот од 2002 година.

Министерството истакна дека реформите не се инспирирани само од Данска, туку и од други европски земји, каде статусот на бегалец е привремен, поддршката е условена, а интеграцијата се очекува. „Обединетото Кралство сега ќе ги достигне, а во некои области и ќе ги надмине тие стандарди“, соопшти Министерството.

Каков е данскиот модел?

На почетокот на годинава делегација од британското Министерство за внатрешни работи го посети Копенхаген за да го проучи данскиот пристап. Во Данска, мигрантите добиваат само привремени дозволи за престој, најчесто на две години, и мора повторно да аплицираат по нивното истекување.

Ако данската влада оцени дека нивната матична земја е безбедна, барателите на азил можат да бидат вратени назад. Патот до државјанство е подолг и построг, а правилата за семејно обединување се заострени.

Законот од 2016 година им дозволува на данските власти да им одземат вредности на барателите на азил за да ги покријат трошоците за нивно издржување.

Во Британија моментално се одобрува азил за оние што можат да докажат дека се небезбедни дома, а статусот на бегалец трае пет години, по што може да се поднесе барање за трајно населување.

Расте антиимигрантското расположение

Данска е позната по строгата имиграциска политика повеќе од една деценија. Министерството за внатрешни работи наведува дека тоа довело до најнизок број барања за азил во последните 40 години и до враќање на 95% од одбиените баратели.

Британскиот Совет за бегалци изјави на X дека бегалците не ги споредуваат азилните системи додека бегаат, туку доаѓаат во Британија поради семејни врски, познавање на англискиот јазик или постоечки контакти што им помагаат да започнат нов живот.

Противимигрантското расположение расте, а летово беа одржани протести пред хотели каде со државно финансирање беа сместени баратели на азил.

Сличен тренд се шири и низ Европската унија од 2015–2016 година, кога повеќе од милион луѓе – претежно сириски бегалци – пристигнаа преку Медитеранот, оптоварувајќи ја инфраструктурата во дел од земјите. Не успевајќи да постигнат договор за распределба на одговорноста, земјите-членки се фокусираа на враќање на мигранти и намалување на пристигнувањата.

Данските реформи наидоа на силни критики, а групите за човекови права предупредуваат дека тие создаваат непријателска клима за мигрантите, ја поткопуваат заштитата и ги оставаат барателите на азил во долгогодишна неизвесност.

Зачлени се на нашиот е-билтен