Британската Реформска партија тврди дека масовно ќе депортира мигранти ако дојде на власт

Лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараж денеска изјави дека ако победи на следните избори и стане премиер, ќе ја напушти Европската конвенција за човекови права и веднаш ќе го притвори и депортира секој што нелегално ќе влезе во земјата.

Фараж ги изнесе своите планови за сузбивање на илегалната имиграција по значителниот пораст на бројот на мигранти кои пристигнуваат со чамци преку Ла Манш и неделите на протести поради користењето на хотели од страна на владата за сместување на барателите на азил.

– Ако дојдете нелегално во Велика Британија, ќе бидете притворени и депортирани и никогаш нема да ви биде дозволено да останете. Расположението во земјата во врска со ова прашање е мешавина од целосен очај и растечки гнев, рече тој, додавајќи дека сега постои „вистинска закана за јавниот ред“ ако не се преземат некои мерки.

Фараж го повтори својот став дека Британија е под инвазија на мигранти. Тој рече дека ако дојде на власт, ќе ја напушти Европската конвенција за човекови права и ќе ги укине сите други договори за права, за да се спречат сите барања за азил и да се осигури дека мигрантите кои пристигнале без дозвола ќе бидат депортирани.

Иако има само четири од 650 места во Парламентот, партијата на Фараж доби замав, искористувајќи го незадоволството поради неспособноста на неколку влади да го намалат бројот на мигранти. Анкетите покажуваат дека поддршката за оваа партија е еднаква, па дури и поголема од онаа што ја имаат владејачката Лабуристичка партија и Конзервативците.

Партијата се обврза дека ќе го зголеми капацитетот на притворните центри и ќе обезбеди договори со многу земји, вклучувајќи ги Авганистан, Еритреја и Иран, за враќање на мигрантите.

На повеќе прашања за можноста барателите на азил да бидат мачени или убиени ако бидат вратени во земјите од кои побегнале, Фараж рече: „Алтернативата е да не правиме ништо. Не можеме да бидеме одговорни за сите несреќи што се случуваат ширум светот“.

Досега годинава повеќе од 28.000 луѓе го преминале Ла Манш и пристигнале во Велика Британија со брод, што е зголемување од околу 50 отсто во однос на истиот период минатата година. Официјалните податоци покажуваат дека многу поголем број луѓе, над 111.000, поднеле барање за азил во Велика Британија, до јуни годинава.

Британскиот премиер Кир Стармер се откажа од планот на поранешната конзервативна администрација мигрантите кои нелегално влегле во земјата да бидат испратени во Руанда. Наместо тоа, тој полагаше надежи во договорот постигнат со Франција минатиот месец за враќање на некои мигранти кои го минуваат Ла Манш.

Зачлени се на нашиот е-билтен