Британски граничари првпат распоредени на Балкан – целта е разбивање на мрежите за криумчарење луѓе

Британските гранични службеници првпат се распоредени на територијата на Балканот во рамки на нова иницијатива за разбивање на криминалните мрежи кои криумчарат мигранти кон Велика Британија, објави Гардијан.

Службениците од Обединетото Кралство ќе работат заедно со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), со цел да развијат нови модели на соработка и да идентификуваат и уапсат лица вклучени во криумчарење на мигранти по клучните рути што водат кон Западна Европа.

Како дел од оваа иницијатива, британските експерти ќе ги обучуваат граничарите ширум Западен Балкан за користење британски дронови и биометриски системи за следење на миграцијата, како и техники за откривање фалсификувани визи и пасоши. Целта е мигрантите да се запрат уште пред да стигнат до Ламаншкиот канал.

Министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Шабана Махмуд, оваа недела беше домаќин на самит во Лондон, на кој присуствуваа министри од земјите на Западен Балкан и други европски држави. Главна тема беше јакнењето на соработката во борбата против нелегалната миграција.

„Ветив дека ќе направам сè што е потребно за да ги заштитам нашите граници – токму тоа го правиме“, изјави Махмуд.

Податоците на британското Министерство за внатрешни работи покажуваат дека минатата година околу 22.000 мигранти биле прокриумчарени преку Балканот кон Велика Британија. Иако според Фронтекс нелегалните премини по оваа рута во 2024 година се намалиле за 78%, таа и понатаму останува една од главните транзитни рути за мигранти и шверц на дрога.

Командантот на британската гранична служба, Мартин Хјует, истакна дека Британија ќе обезбеди дронови и опрема за ноќно набљудување за да помогне на регионалните полициски сили во спречување на криумчарски активности.

Британската влада веќе има оперативни спогодби со Албанија, Косово, Северна Македонија и Србија, насочени кон разбивање на организираните криминални групи што дејствуваат низ регионот.

Очекувањата се дека премиерот Кир Стармер следната недела ќе одржи самит со лидерите на земјите од Западен Балкан, каде ќе бидат договорени дополнителни мерки за намалување на бројот на лица кои нелегално влегуваат во Велика Британија.

Зачлени се на нашиот е-билтен