Британскиот министер за одбрана ги отфрли сомнежите за иднината на британските бази на Кипар, откако претседателот на островската земја повика на разговори за нивниот статус по завршувањето на војната со Иран.
Ал Карнс нагласи дека „правниот статус на суверените бази е цврст како карпа“, во услови на шпекулации дека Кипар би можел да побара од Велика Британија да се откаже од суверенитетот над базите во Акротири и Декелија.
Тензиите се зголемија откако дрон од иранско производство погоди база на РАФ (Кралските воздухопловни сили) во Акротири минатиот месец, а имаше и одложување во испраќањето на британски воен брод за да помогне во заштитата на островот.
Разурнувачот „ХМС Драгон“ пристигна во источниот Медитеран повеќе од три недели откако британска база беше погодена од беспилотно летало „Шахед-136“. Нападот на Кипар предизвика загриженост дека присуството на базите би можело да претставува закана за безбедноста на островот.
Заеднички одбранбен план
Пред разговорите со кипарската влада, Карнс изјави за „Телеграф“: „Поради заканата со која се соочуваме, за прв пат по долго време ги гледаме Кипарците, Британците и другите сојузници како се здружуваат за да работат на заеднички план за одбрана на капацитетите тука“.
„Мислам дека ќе видиме многу позитивни случувања. Разбираме одредени тензии, но реалноста е дека правната основа на овие суверени територии не е предмет на преговори.“
„Колонијална последица“
Минатиот месец, кипарскиот претседател Никос Христодулидес повика на „отворена и искрена дискусија“ за двете британски бази, што тој го нарече „колонијална последица“.
„Кога ќе заврши оваа ситуација на Блискиот Исток, ќе имаме отворена и искрена дискусија со британската влада“, рече тој.
„Имаме повеќе од 10.000 кипарски граѓани во британските бази и ние сме одговорни за овие луѓе.“
Акротири и Декелија се британски суверени територии според договорот потпишан кога Кипар стекна независност во 1960 година.