Британските научници предупредуваат: Не го фрлајте талогот од кафе во одвод – ѝ штетите на природата

Британски експерти предупредуваат дека фрлањето на талогот и остатоците од кафе во јавните одводи може сериозно да ја загрози животната средина. Повод за нивното предупредување е случајот на жена од западен Лондон, која добила казна од 150 фунти затоа што го истурила талогот од кафето во уличен одвод.

Според податоците, Британците дневно пијат околу 98 милиони шолји кафе, а во светски рамки се консумираат повеќе од две милијарди. Но, остатоците – и течноста и талогот – најчесто завршуваат на погрешно место. Научниците велат дека тоа што изгледа безазлено, со тек на време станува сериозен еколошки проблем.

Кофеинот како невидлив загадувач

Во Велика Британија, истите цевки пренесуваат и кишница и отпадни води, па дел од кофеинот – кој е многу отпорен на разградување – често завршува во реките и езерата. Кофеинот, но и шеќерот, млекото и другите додатоци од кафето, го менуваат хемискиот состав на водата и можат да го нарушат балансот на цели водни екосистеми.

Истражувањата покажуваат дека кофеинот е присутен во повеќе од половина од реките во светот, па дури и во делови на Антарктикот. Во поголеми концентрации, може да го промени метаболизмот на водните растенија и инсекти, па дури и да предизвика нивно умирање.

Како правилно да се отстрани талогот

Експертите потсетуваат дека уличните одводи не се наменети за отпадни течности, туку само за дождовница. Затоа, во нив не треба да се фрлаат кафе, масла, бои или детергенти. Најдобро е талогот да се искористи како природно ѓубриво, да се додаде во компост или, доколку нема друга можност, едноставно да се фрли во обичен отпад.

Правилото е едноставно:
Она што не е добро да се истури на улица, не треба да се истура ниту во кујнскиот одвод.

Зачлени се на нашиот е-билтен