Британските претставници стравуваат дека Трамп би можел да ги признае израелските населби на Западниот Брег

Британските претставници стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп може да ја признае контролата на Израел врз нелегалните населби на Западниот Брег како одмазда против Велика Британија, Австралија, Франција и други земји кои одлучија да ја признаат Палестина.

Според неофицијални информации, американскиот претседател ја разгледува можноста за официјално признавање на израелските населби на Западниот Брег што е протолкуван како сериозен удар за постигнување решение за две држави, пишува Гардијан.

Британските претставници веќе изјавија дека некои од сојузниците на американскиот претседател вршат притисок врз него да ги признае израелските населби на Западниот Брег, додека арапските лидери се обидуваат да го одвратат од тоа.

„Како и секогаш со овој претседател, тешко е да се предвиди по кој пат ќе оди, но ние сме загрижени за можните последици“, рече еден функционер.

Белата куќа одби да ги коментира ваквите инфорамции, но еден американски функционер вели дека Трамп не е посветен на едно единствено решение на Блискиот Исток. Тој додаде дека нема да се ограничи само на рамките за кои смета дека во минатото не успеале.

Во последните неколку дена, неколку земји ја признаа палестинската државност пред сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Администрацијата на Доналд Трамп го нарече потегот „перформативен“, но сè уште не ја променила својата политика како одговор.

Британскиот премиер, Кир Стармер, рече дека британското признавање на Палестина е направено „за да се оживее надежта за мир и решение за две држави“. Емануел Макрон, францускиот претседател, во понеделник во ОН изјави дека „дојде време“ за признавање, додавајќи: „Имаме одговорност да направиме сè што е во наша моќ за да ја зачуваме можноста за решение за две држави“.

Овој потег дојде во контекст на нападот на Израел врз Газа, заедно со сè поагресивниот пристап на Израел кон Западниот Брег.

Израел веќе планира нова населба позната како Е1, која ефикасно би го поделила Западниот Брег на два дела.

Безалел Смотрих, крајно десничарскиот министер за финансии на Израел, рече дека верува оти потегот ќе ја „закопа идејата за палестинска држава“.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, е под притисок во својот кабинет да продолжи и да го анектира Западниот Брег целосно или делумно, што би оневозможило една палестинска држава да ги покрива Западниот Брег и Газа. Тој рече дека нема да донесе одлука сè додека не се сретне со Трамп на почетокот на следната недела во Белата куќа.

За време на билатералниот состанок со Трамп минатата недела, Стармер ги објасни причините за признавање на Палестина, а британските претставници беа задоволни кога американскиот претседател се појави оптимистички за можноста на заедничката прес-конференција.

Трамп малку кажа за експанзијата на Израел во Западниот Брег, но некои сојузници го притискаат да го поддржи тоа.

Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, минатиот месец изјави: „Не знам што мислеа Европејците дека ќе постигнат (со признавање на Палестина), но со своите постапки тие постигнуваат нешто што не мислам дека сакаа, а тоа е практично да дадат зелено светло или да ги охрабрат Израелците да земат повеќе делови од Јудеја и Самарија (Западниот Брег), или со прогласување суверенитет или со анексија“.

Други, вклучувајќи го и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, го повикуваат претседателот да не ја поткопува можноста за решение со две држави. Минатиот месец, Кушнер организираше состанок во Белата куќа за планирање на повоената Газа, на кој присуствуваше поранешниот британски премиер Тони Блер.

Според планот на Блер, кој еден британски извор го нарече „единствена опција“, Газа би била управувана од меѓународна преодна власт под покровителство на ОН, без потреба од протерување на Палестинците од територијата.

Портпаролот на Тони Блер одби да коментира.

Сепак, таков план би бил загрозен ако Трамп ги признае израелските населби на Западниот Брег, што арапските лидери би го сметале за преминување на црвената линија. Трамп ќе се сретне со неколку од тие лидери на приватен состанок во Њујорк во вторник, за време на кој се очекува да го притиснат да не ги поддржува израелските акции на Западниот Брег.

Анвар Гаргаш, виш дипломатски советник на ОАЕ, изјави претходно овој месец: „Во овие предизвикувачки времиња, ОАЕ испраќаат јасна порака: анексијата е црвена линија, а мирот преку решение со две држави мора да остане патот напред“.

ОАЕ се смета себеси за чувар на Авраамовите договори, со кои се воспоставија дипломатски односи меѓу Израел и група арапски држави. Со благослов на Трамп, ОАЕ потпишаа договори во 2020 година откако Израел се откажа од својот предлог за анексија на делови од Западниот Брег.

Извор: Гардијан

Зачлени се на нашиот е-билтен