Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека е лага оти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, целата вина за крвопролевањето во Бањска ја префрлил на Србите од Косово и посочи дека премиерот на Косово, Албин Курти е исклучиво и единствен виновник, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа доцна синоќа на Инстаграм напиша дека штотуку ја завршила средбата со претседателот Вучиќ, на која се разговарало за мерките што треба да се преземат и што може дополнително да се направи за српскиот народ на Косово.
Сепак, како што изјави, „она што е особено тешко во вакви страшни моменти е тоа што ниедна трагедија не може да не обедини“.
-Монструозна лага што ја објави тајкунскиот весник Нова, на насловната страница во утрешното издание, дека Александар Вучиќ целата вина за крвопролевањето ја префрлил на Србите на Косово и Метохија. Нема човек во Србија кој јасно не слушнал она што го кажа Александар Вучиќ, дека исклучиво и единствен виновник за крвопролевањето на Косово и Метохија е Албин Курти и неговата политика, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека „за разлика од нив и политичарите што ги поддржуваат, кои безумно, на пример, ги бранеа интересите на Република Србија, Александар Вучиќ во Обединетите нации, а повторно и вчера во Белград, по којзнае кој пат, повтори дека никогаш нема да ја признаеме независноста на таканаречената Република Косово“.