Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека резолуцијата за Србија, за која рече дека очекува утре да ја усвои Европскиот парламент, содржи аргументи кои се „на ниво на Радио Милева“, јави дописникот на МИА од Белград.
Брнабиќ за телевизија Хепи денеска изјави дека аргументите за барањето за меѓународна истрага во врска со тврдењата на опозицијата дека се украдени изборите се во форма на „слушнав“, „постои обвинение“ и коалицијата „Србија против насилството“ соопшти “.
Таа рече дека резолуцијата „ќе содржи буквално се што опозицијата некогаш кажала“ за изборите одржани на 17 декември минатата година.
-Ќе најдете информации за 40.000 граѓани на Република Српска, иако покажавме дека тоа не се случи (босански автобус), информации за фантомски гласачи, за пасивизирани гласачи. Не постои ниту еден детал што не успеале да го вклучат во резолуцијата на Европскиот парламент, изјави Брнабиќ.
Таа додаде дека во резолуцијата „повторно експлицитно се наведува“ дека ја повикуваат Европската комисија да ги запре претпристапните преговори и европската интеграција на Србија, доколку не бидат воведени санкции кон Русија.
Таа оцени дека „вистината е сосема ирелевантна категорија за таа резолуција“ и дека во неа не се споменува оти косовскиот премиер Албин Курти им го ускратил правото на глас на изборите на Србите од Косово.
Брнабиќ изјави и дека тоа што пратениците на опозицијата вчера дадоа заклетва во холот на српското Собрание, а не во салата, „е исто како да одат во собранискиот тоалет“.
-Првпат во историјата на Србија дел од пратениците ја напуштија салата и таму дадоа заклетва. Никој не го разбира нивото на непочитување што го покажува опозицијата на Ѓилас (СПН) и Милош Јовановиќ (ДСС), рече Брнабиќ.