Бројката на загинати во сообраќајната несреќа кај Сремска Митровица се искачи на три лица

Во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне кај Сремска Митровица, животот го загубија три лица, а 39 се повредени, јави РТС.

Автобус кој превезувал работници од Сремска Митровица кон селото Јарак се превртел околу 14:45 часот. Две лица починале на самото место, а третото им подлегнало на повредите во болница.

Во Општата болница во Сремска Митровица биле згрижени 39 повредени, од кои осум се на одделот за интензивна нега. Едно лице е пренесено во Белград на понатамошно лекување.

Градоначалникот на Сремска Митровица, Бранислав Недимовиќ, изрази сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо закрепнување на повредените. Тој најави дека ќе предложи неделата да биде прогласена за Ден на жалост во градот.

Возачот на автобусот, Д.К. (1955), вработен во превозникот „Сирмиум бус“, е уапсен под сомнение дека извршил тешко дело против безбедноста во јавниот сообраќај. Му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство.

Од Министерството за внатрешни работи на Србија соопштија дека во последните две години спровеле три надзори над работата на компанијата „Сирмиум бус“ и утврдиле повеќе од 60 неправилности, за кои биле покренати прекршочни постапки.

МВР упати апел до сите учесници во сообраќајот, особено до организаторите на превоз на работници, да ги почитуваат сите прописи за безбедност — техничка исправност на возилата, ограничувања на брзината и времињата на одмор на возачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен