Најгорливото квантитативно прашање е поврзано со постигнувањето на цензус од 40% поддршка од запишани избирачи за избор на Претседател на Републиката. Неизвесно е дали коалициите на партии од албанскиот камп отворено ќе повикаат за поддршка на еден од двајцата кандидати или ќе се воздржат и на тој начин имплицитно ќе сугерираат апстиненција на нивните избирачи од вториот круг на претседателските избори.
Тони ПОПОВСКИ
Резултатите од првиот круг на претседателските избори се познати. До вториот круг кој се преклопува со собраниските избори, предмет на мобилизација е преостанатиот дел на потенцијални избирачи од поединечните резервоари на поддршка за партиите, било да се работи за партиски активисти или наклонето граѓанство, односно симпатизери. Каков епилог може да очекуваме за помалку од две седмици, може да претпоставиме низ соодветна кванитативна оценка на резултатите, а која превенира шпекулативни толкувања.
Како репер за одредување на плафонот на поединечна поддршка можеме да ги земеме собраниските избори во 2016 година, и тоа најмногу поради високата излезност од околу 1.19 мил. избирачи. Во заокружени бројки, коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ доби 454000 гласови, коалицијата на СДСМ – 436000, додека вкупниот број на гласови во албанскиот камп на политички партии изнесуваше 210000. На изборите во 2020 година (заокружено 923000 избирачи), коалицијата на СДСМ со вклучена Беса доби 327000 гласови, коалицијата на ДПМНЕ – 315000, Левица – 37000 и другите партии на Албанците добија вкупно 199000 гласови.
Ако тргнеме од премиса на исклучително висока партиска мобилизација на партиите во полза на нивните претседателски кандидати, не потценувајќи дека самите кандидати привлекуваат и партиски неопределни избирачи, споредбата на резултатите од првиот круг на претседателските избори укажува на следново.
Кандидатката на коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ доби 363086 гласови, односно го натфрли изборниот резултат од собраниските избори во 2020 година за заокружени 48000 гласови, но истовремено има 91000 гласови помалку во споредба со резултатот од собраниските избори во 2016 година. Кандидатот на коалицијата на СДСМ доби 180500 гласови, односно потфрли за 147000 гласови во споредба со изборниот резултат од собраниските избори во 2020 и цели 256000 гласови во споредба со резултатот од собраниските избори во 2016.
Тука веднаш треба да се истакне резултатот на Максим Димитриевски со добиени 83856 гласови, и тоа најдиректно на сметка на Стево Пендаровски, бидејќи доминантно тоа се гласови од резервоарот на СДСМ. Ако овие гласови се додадат на резултатот на Пендаровски, во споредба со изборите во 2020 година, коалицијата на СДСМ потфрла за цирка 63000 гласови, а во споредба со 2016 година за цирка 172000 гласови.
Што се случува со овие 172000 гласови е релевантно прашање. Дел од овој резервоар артикулира Левица на изборите во 2020 година, кога доби заокружени 37000 гласови, за да сега, приближен резултат од 41331 гласови оствари нивната кандидатка Ванковска. Тука во предвид треба да се има дека од резервоарот на избирачи во коалициските блокови во македонскиот камп на партии, кон коалицијата на ДУИ се приклучија две партии на Турците и по една партија на Ромите и Бошњаците со претпоставена изборна поддршка од цирка 35000 гласови на преполовена излезност и кај овие помали заедници. Сето ова упатува на заклучок дека минимум 115000 гласови од оптималниот резервоар на коалицијата на СДСМ, во моментов се целосно пасивизирани.
Што се однесува до албанскиот камп на политички партии, вкупниот број на гласови за нивните кандидати е 204481. Споредено со изборите во 2016 година, овој резултат е понизок за малку над 5000 гласови, а во споредба со изборите од 2020 година е повисок за над 5000 гласови но во предвид треба да се има дека во 2020 година, БЕСА беше во коалиција со СДСМ. Ако на ова се додадат гласови на партиите на помалите заедници кои пристапија во коалицијата на ДУИ, заклучок е дека излезноста кај коалициите на албанските партии е намалена за цирка 45000 избирачи, односно историски гледано, оптималниот резервоар на проактивни избирачи заедно со помалите заедници кои се приклучија на овој камп треба да биде околу 250000 гласови.
Квантитативнава анализа укажува дека до вториот круг на претседателските и собраниските избори целна група на коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ се пасивизираните 91000 избирачи во споредба со изборите од 2016, на коалицијата на СДСМ, но и на ЗНАМ и Левица – пасивизираните 115000 избирачи и на коалициите во албанскиот камп пасивизирани цирка 45000 избирачи. Колку од нив политичките субјекти ќе успеат да извадат на избори, останува да видиме. Проценките на најголем дел од политичките аналитичари се дека излезноста може да се покачи до максимум еден милион избирачи, односно на вториот круг да излезат дополнителни цирка 120000 избирачи иако според мене пореално е да се очекува дополнителен одзив на 60000 до 80000 избирачи.
Најгорливото квантитативно прашање е поврзано со постигнувањето на цензус од 40% поддршка од запишани избирачи за избор на Претседател на Републиката. Коалицијата на СДСМ и нивниот кандидат Пендаровски го продолжија изборниот натпревар и недвосмислено агитираат за дополнителна поддршка. Во споредба со нив неизвесно е дали коалициите на партии од албанскиот камп отворено ќе повикаат за поддршка на еден од двајцата кандидати или ќе се воздржат и на тој начин имплицитно ќе сугерираат апстиненција на нивните избирачи од вториот круг на претседателските избори.
Доколку сите гласови на ЗНАМ и Левица од првиот круг се префрлат на контото на Силјановска, резултатот би бил околу 490000 гласови. Без гласови од поддржувачи на коалициите во албанскиот камп, и доколку на овие гласови се додадат 180500 гласови на Пендаровски и 8121 гласови на Јакимовски, доаѓаме до бројка од околу 677000 гласови на партии од македонскиот камп. Бидејќи целосно пренесување на гласови е невозможно, претпоставка е дека во македонскиот камп, но без децидни пораки од ЗНАМ и Левица (кои отсуствуваат во моментов), Силјановска може да артикулира од овие две партии – дополнителни околу 60000 гласови, со што вкупната излезност за двата кандидати би била цирка 613000 гласови, односно за 113000 гласови помалку од цензусот кој е минимум 725726 гласови.
Останува да видиме дали остварување на дополнителна излезност на 113000 избирачи Македонци или барем во еден дел Албанци е возможна или невозможна мисија.
Секако, за целосна квантитативна анализа неопходно е да се има во предвид и сценарио со поддршка на Пендаровски од страна на една или и на двете коалиции на партии од албанскиот камп. Механичкиот збир на гласови на Пендаровски и Османи е 301588, а на ова надоврзани гласовите на Таравари, вкупно 384981. Повторно, механички трансфер на гласови е невозможно да се случи па оттаму ова сценарио би било пореално ако се оперира со бројки од половина до две третини од овие гласови и тоа со децидно упатени пораки на поддршка. Во тој случај дури и со поддршка на гласови од албанските партии, Пендаровски не би го достигнал резултатот од првиот круг на Силјановска. Притоа, напорот да се обезбеди дополнителна поддршка од 115000 пасивизирани гласачи на коалицијата на СДСМ е легитимен, но истовремено таков напор прави и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ по однос на нивните пасивизирани 91000 избирачи, сето ова измерено наспроти плафонот кој овие две коалиции го го постигнаа во 2016 година.
Оваа квантитативна анализа не ја зема превид варијаблата со миграциските процеси од 2016 година наваму и незаинтересираноста на дијаспората за гласање. Поради тоа претпоставка е дека овие плафони или оптимални резервоари на пасивизирани поддржувачи на партиите се реално намалени за минимум 10%. За квалитативната и истовремени пикантна анализа, повеќе во наредната колумна.