Скопје уште во 2021 доби зелен сигнал и поволен заем за модерен BRT-систем, со две главни линии и нов возен парк. Наместо градба, следуваа блокади, промени на ставови и политички пресметки што го забавија проектот и го оставија главниот град да се бори со хаос во транспортот и ѓубрето. Денес, парадоксално, истиот проект повторно се споменува како приоритет во предизборните платформaи на оние што четири години го сопираа. Прашањето е едноставно: кому му користеше ова одложување – и по која цена за градот?
BRT беше конципиран како брза автобуска мрежа со издвоени коридори, нови терминали, депоа и електронски билетарници, финансиран со заем до 70 милиони евра од ЕБОР (во две транши за двете рути). Планот предвидуваше коридор Исток–Запад со 21 станица и соодветни инфраструктурни решенија што даваат приоритет на јавниот превоз. Во град со хронична загушеност и загадување, ова беше ретка можност функционално да се промени „правилото“ на автомобилот.
Наместо старт, дојдоа политичките кочници. Градскиот совет предводен од ДПМНЕ не сакаше ниту зелени автобуси па така на 29 август 2024 не изгласа клучна одлука за набавка на еколошки автобуси – против гласаа советници од ВМРО-ДПМНЕ, „Зелен хуман град“ и Левица. Градоначалничката јавно тврдеше дека блокадите се организирани и дека три години ја држат престолнината заробена во процедурите. Ефектот беше видлив: процедурите тапкаа во место, тендерите се одолговлекуваа, а проектот влезе во политички клинч.
Во меѓувреме градот стануваше сè понефункционален. Уште во 2022 јавниот превоз беше парализиран со блокади од приватните превозници; во 2023 и 2025 кризата со отпадот ескалираше – преполни контејнери, депонии и еко-инциденти станаа дел од секојдневието, кулминирајќи со пожари на „Дрисла“ и јавно незадоволство. Кога политиката ја кочи инфраструктурата, последиците ги плаќаат граѓаните – со изгубени часови во сообраќај и со воздух кој често е на работ на издржливото.
Иронијата е што, по „четири години пауза“, истиот БРТ повторно влезе во процеси на јавен дискурс преку кандидатот Орце Ѓорѓиевски, откако претходно кандидатката на СДСМ Каја Шукова, го најави како носечки проект на својата програма. И сега до кога ќе ја плаќаат скопјани политичката цена? Четири години изгубено време и повисоки трошоци од инфлација и променети цени во градежништвото – скриен данок што нема да го плати никој друг освен јавниот интерес.
Дали инаетењето се исплатеше, дали градот е приватен бизнис за десничарската политичка елита? За два дена граѓаните ќе кажат.
				
				
															