Брутален град – изложба на фотографии на Снежана Алексовска во Бруталиск

Овој четврток 26.10.2023 во културниот центар Бруталиск се отвора изложба на фотографии од бруталистичките и модернистички вертикали од македонските градови на скопската фотографка Снежана Алексовска. Ќе бидат изложени 41 фотографија во црно-бела техника, а посетителите ќе можат да ја погледнат поставката и во наредниот месец по отворањето.

„За мене бруталниот град е повеќезначен наслов кој истовремено го допира сѐ уште доминантниот правец во нашата градска архитектура, особено во Скопје, но и студеноста и суровоста на градовите во кои живееме денес. Овие вертикали и прави линии кои ги гледаме кога ќе погледнеме нагоре се најубавите призори денес и се можеби највредното градско наследство. Бруталиск, како културен центар посветен на брутализмот и на градот сметав дека е идеално место за мојата изложба.“ – вели Алексовска.

„Брутален град“ е прва изложба на фотографии на Снежана Алексовска, која со фотографија се бави од својата младост, а веќе неколку години работи како кустос-советник и туристички водич во НУ спомен куќа на Мајка Тереза. Родена е во 1990 година и е дипломиран археолог. Таа е двократен победник на конкурсот „Фотографија на неделата“ на Нова Македонија и нејзините фотографии „Мир и Слобода“ и „Меѓу Височините и Смогот“ се објавени на цели страници во печатеното издание на весникот во 2022 и 2023 година.

КЦ Бруталиск се наоѓа на бул. Илинден 38 во Дебар Маало во близина на зградата на Владата и изложбата ќе може да се погледне секој ден во наредниот месец од пладне до полноќ.

Редакција Трн

Треба да знаете
Moже да ве интересира