Бучавата ги избрка од шумата: диви свињи и лисици слегоа меѓу скопските населби

Диви свињи сè почесто се симнуваат од падините на Водно кон урбаните делови на Скопје, а последните денови се забележани во неколку населби – на самото Водно, во Козле кај ливадата Шамац, а според сведоштва на граѓани, дури и лисица била видена во истата населба. За дел од овие појави постојат и видео-снимки кои кружат на социјалните мрежи.

Експертите и планинарите посочуваат дека причините за ваквото однесување на дивиот свет се повеќеслојни. Од една страна, станува збор за потрага по храна во зимскиот период, кога природните извори во шумата се посиромашни. Но, од друга страна, сè погласно се споменува и човечкиот фактор – континуираната бучава и нарушување на природниот мир на Водно.

Журките што се организираат на планината во текот на целото лето, често во вечерните часови, како и масовните прослави за Нова година, Бадник и 1 Јануари, според дел од планинарската заедница, создаваат сериозен притисок врз живиот свет. Гласната музика, огнометите и присуството на голем број луѓе го туркаат дивечот надвор од неговото природно живеалиште.

Дел од планинарите потсетуваат дека дел од основната планинарска етика е тишината и почитта кон природата. „Планината не е дискотека“, велат тие, нагласувајќи дека галамата, викањето и музиката не само што ја вознемируваат фауната, туку создаваат и потенцијална опасност за луѓето.

Дополнителен ризик, според нив, е и фактот што на ваквите собири често се консумира алкохол, што ја намалува внимателноста и ја зголемува можноста за инциденти – особено при средба со диви животни како дивите свињи, кои можат да бидат непредвидливи и опасни.

Забележувањето на диви животни во урбани средини е сериозен сигнал дека природната рамнотежа е нарушена. Наместо сензација, овие појави, според познавачите, треба да бидат повод за сериозна дебата за тоа како се однесуваме кон Водно – не само како излетничко место, туку како жив екосистем кој бара почит, тишина и одговорност.

Зачлени се на нашиот е-билтен