Буџет 2026 на пленарна: раст на хартија, стари грижи дома

Предлог-буџетот за 2026 година, дополнет со прифатените амандмани, од денес повеќе не е само табела во Министерството за финансии – дополнетиот буџет 2026 се пресели во собраниската сала. Како седма точка на дневен ред на 73. пленарна седница, документот влегува во последниот филтер: петдневна расправа пред пратениците, па гласање до крајот на месецот.

Во амандманската фаза во Комисијата за финансирање и буџет беа поднесени околу 200 амандмани, од кои се прифатени нешто повеќе од дваесетина. Со тоа е скроен интегриран текст кој треба да важи како патоказ за економијата во 2026 година – официјално како буџет на раст, инвестиции и „фискална дисциплина“, како што го опишува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Проекциите се амбициозни, но добро познати: реален раст на БДП од 3,8 проценти, инфлација од околу 2,5 проценти под услов цените на меѓународните пазари да останат стабилни, раст на приватната потрошувачка од 2,6 проценти и на јавната од 1,4 проценти. Зад овие проценти стои класичната формула – поголема потрошувачка, посилни инвестиции и очекување дека економијата ќе го издржи глобалниот притисок без нови шокови.

Буџетската рамка е широка: приходите се планирани на 374,9 милијарди денари (околу 6 милијарди евра), а расходите на 414,2 милијарди денари (околу 6,73 милијарди евра). Разликата меѓу двете колони е дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од планираниот БДП – ниво кое на хартија останува во рамки на „прифатливо“, но во пракса значи дека државата и натаму ќе троши повеќе отколку што прибира.

Структурата на трошоците ја открива приоритетната карта. За плати во јавниот сектор се одвојуваат 52,6 милијарди денари – околу три милијарди повеќе од годинава – што е директен резултат на веќе најавените зголемувања и проширувањето на администрацијата. За стоки и услуги се планираат 27,9 милијарди денари, сума што секогаш го отвора прашањето колкав дел од неа навистина оди за квалитетни јавни услуги, а колкав за рутински трошоци, тендери и „одржување на системот“.

Социјалната слика се чита низ пензиите и трансферите. За пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари, а за надоместоци од социјална заштита 12 милијарди денари. Тоа потврдува дека буџетот останува силно прераспределбен – голем дел од парите што ги собира државата се враќаат назад како пензии, помош и поддршка за ранливите категории. Прашањето кое ќе го отвори опозицијата е старо: дали пензионерите и корисниците на социјална помош навистина го чувствуваат тој раст, или тој се топи во повисоките цени и трошоците за живот.

Од капиталниот дел, Владата најавува 654 милиони евра за инвестиции – патишта, железница, енергетика, инфраструктура. Овој сегмент традиционално се носи како „златна ѕвезда“ во секој буџет, но историјата покажува дека реализацијата на капиталните расходи ретко ја следи амбицијата на почетокот на годината. Токму затоа и сега ќе остане клучна дилемата: дали бројката на хартија навистина ќе се претвори во нови објекти, или дел од средствата ќе завршат во пренамени и дофинансирање на тековни трошоци.

Приходната страна се потпира на даноците. Државата планира да прибере речиси 3,5 милијарди евра од даноци, околу 6 проценти повеќе од годинава. Се очекува раст на приходите од данокот на личен доход од 8,7 проценти и уште повисок скок кај данокот на добивка – над 14 проценти. Од данокот на додадена вредност се планираат околу 1,5 милијарди евра, а акцизите треба да донесат 582 милиони евра, малку повеќе од лани. На кратко – буџетот се темели на претпоставка дека економијата ќе работи подобро, фирмите ќе бидат попрофитабилни, а наплатата на даноците поефикасна.

За да се затвори сметката, државата планира ново задолжување од околу 1,9 милијарди евра – 1,38 милијарди од надворешни извори и 579 милиони евра од домашниот пазар. Најголем дел од овие средства, околу 1,26 милијарди евра, се резервирани за раздолжување, односно враќање стари долгови. Останатото ќе оди за покривање на дефицитот. Формулата е стара: се задолжуваме ново за да враќаме старо и да го одржиме нивото на трошење.

Во собраниската процедура со буџетот „патуваат“ и неколку поврзани документи: Законот за извршување на буџетот за 2026 година, финансиските планови на Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, одлуката за процентот од приходите за финансирање на РКЕ, како и годишниот Извештај на Европската комисија за 2025 година. Со тоа се затвора кругот: од бројките во табелите до оценките од Брисел за тоа како државата ги троши јавните пари.

Зачлени се на нашиот е-билтен