Бугари од Македонија се сретнаа со еврокомесарот Вархеји: Му се пожалиле дека немаат дијалог со властите во РСМ  

Македонски Бугари на средба со Вархеји (фото: БГНЕС)

Бугари од Македонија денеска во Брисел се сретнале со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тие на средбата, како што јавува бугарската агнеција БГНЕС му се пожалиле на Вархеји дека бугарската заедница во земјава немала дијалог со властите во  Северна Македонија, за што вложувале напори повеќе од две години.

Иднината на Северна Македонија е во ЕУ, но тоа не може да биде на сметка на Бугарите кои живеат во земјата, изјавиле за БГНЕС Петар Колев, Георги Трендафилов и Љубчо Георгиевски кои денеска се сретнале со еврокомесарот Вархеји.

Парламентот во Македонија, наместо да работи на измени за вклучување на Бугарите во Уставот со цел побрзо отпочнување на преговорите со ЕУ, донесува законска регулатива со цел затворање на клубовите на локалните Бугари, додале тие.

Очекуваме во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија да бидат вклучени прашањата за кои разговаравме на оваа средба, изјавиле тројцата претставници на Бугарите во Македонија.

Средбата се одржала на барање на бугарските организации испратено на 2 декември, откако еврокомесарот во ноември вети дека ќе ги прими доколку го побараат тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен