Бугарија нуди итна испорака на мазут за Македонија по прогласената кризна состојба

Бугарија ѝ понуди на Македонија итна испорака на мазут, откако Скопје прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија поради проблеми со обезбедување на енергенси. Понудата, според бугарските власти, следи по проверка на расположливите количини мазут во Бугарија, при што било констатирано дека државата има доволни резерви за сопствените потреби.

Според информациите од Софија, по насока на бугарскиот премиер Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил инспекција на залихите, по што Владата се изјаснила дека може да помогне со итна испорака – во рамки на техничките и логистичките можности. Понудата била пренесена во телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, при што двете страни ја нагласиле „солидарноста“ и намерата да се зачува регионалната енергетска стабилност.

Кризата во Македонија беше прогласена со рок од седум дена, откако институциите соопштија дека системот е под притисок поради неможност навреме да се обезбеди мазут, енергенс кој е критичен за дел од производните капацитети. Како дел од контекстот, во регионалните извештаи се посочува и дека блокадите на граничните премини со Грција од страна на грчки земјоделци го отежнале транспортот и увозот на горива и суровини.

Дали и кога конкретно ќе стигне мазутот, во кои количини и под кои услови, засега не е соопштено. Но самата понуда ја отвора клучната тема што Скопје досега ја туркаше во втор план: колку е кревок системот кога снабдувањето зависи од една рута, еден енергенс и една блокада на граница.

Зачлени се на нашиот е-билтен