Бугарската влада предложи закон со кој ќе се регулираат маржите за 22 основни прехранбени производи, што доведе до прекин на бојкотот на маркетите што траеше од јануари.
Според новите мерки, најмалку 50% од производите на рафтовите во големите синџири мора да бидат бугарски, а нивната трговска маржа е ограничена на максимум 20%. За увезените земјоделски производи и храна, маржата е ограничена на 10% од даночната основа. Законот, исто така, предвидува дека земјоделците не смеат да ги продаваат своите производи под производна цена, додека преработувачите, трговците на големо и мало ќе имаат лимитирани маржи.
Овој тренд на бојкот започна во Хрватска, каде што граѓаните протестираа против високите цени на храната и хигиенските производи, а потоа се прошири и во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Грција и Бугарија.
Во Македонија, Владата веќе примени мерки за ограничување на цените и замрзнување на маржите, кои остануваат во сила до 30 април. Маркетите имаат обврска транспарентно да ги објавуваат и ажурираат цените на своите производи.