Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бугарскиот амбасадор се врати во Скопје, продолжува со дипломатските должности

Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија

Бугарскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов денеска заедно со бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, пристигна во Скопје, каде останува и им се враќа на своите дипломатски должности во полн капацитет, потврдија од МНР за МИА.

По седницата на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент на 25 јануари, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, најави дека нивниот амбасадор, Ангел Ангелов ќе биде повлечен од Скопје и ќе остане во Софија поради сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, а по последнниот инцидент во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.

Од бугарското МНР тогаш информираа дека „целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за понатамошен развој на билатералните односи“.

Бугарскиот министер Демерџиев денеска оствари средба со македонскиот колега Оливер Спасовски, по што порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев што треба да се одржи в сабота, и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки. Нивната средба следуваше откако премиерот Димитар Ковачевски во петокот со својот бугарски колега Галаб Донев во телефонски разговор се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.

Зачлени се на нашиот е-билтен