Сите членови на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија денеска на затворена седница едногласно ја усвоија предлог-декларацијата во врска со провокативните изјави од страна на македонските владејачки политички фактори и систематското уништување на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, пренесува бугарската телеграфска агенција БТА.
Бојко Борисов, кој е претседател на комисијата во бугарскиот парламент и лидер на партијата ГЕРБ, им се заблагодари на сите политички партии за постигнатиот консензус.
„Со ова даваме знак дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството со двете земји и дека секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“, рече Борисов.
Предлог декларацијата дојде од крајнодесничарската бугарска партија Преродба на Костадин Костадинови во неа се повикуваат Европската Унија и Европската комисија да ги осудат, како што се наведува, навредливите квалификации на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со кои Бугарите ги нарекува „недостојни“, „мизерни“ и „нецивилизирани“, а бугарските политичари „маргиналци“ и „корумпирани“.
Бугарските медиуми пишуваат дека повод за декларацијата „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Северна Македонија, што имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во Преговарачката рамка, што ќе ѝ овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.
За одлуката на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за продолжување на преговорите за членство со Албанија одвоено од Северна Македонија свои коментари дадоа поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков. Тие ги повикаа властите во Северна Македонија да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или патот на државата кон ЕУ ќе остане затворен. И двајцата порачуваат дека Договорот за добрососедство потпишан во 2017 г. мора да се почитува.