Бугарските избори на 19 април влегуваат во кампања со стара рана што државата со години не успева да ја затвори: купен и контролиран глас. Токму интегритетот на изборите е главниот тест за привремената влада на Андреј Ѓуров, формирана по падот на претходниот кабинет и по дополнителното еродирање на довербата во процесот, откако Уставниот суд делумно ги поништи резултатите од изборите во октомври 2024 година.
Еден од првите фронтови се отвори во Карџали, регион кој е како силно упориште на Движењето за права и слободи и на Делјан Пеевски, кој е под американски санкции според законот „Магнитски“. Во тој контекст, текстот посочува на пријави за политички притисоци и локални тензии уште пред почетокот на официјалната кампања. Во обид да покаже дека ќе удри по изборните манипулации, Министерството за внатрешни работи смени 23 од 28 регионални директори, а до 21 март отвори 45 предистражни постапки за изборни прекршоци.
Но суштинскиот проблем е подлабок од една полициска акција.Во последните 20 години во Бугарија имало само околу 100 до 120 ефективни пресуди за купување гласови, иако станува збор за системска појава што најчесто ги погодува парламентарните и локалните избори. Според истата анализа, на последните парламентарни избори цената на еден глас се движела од 100 до 300 лева, а повеќе од 1.700 избирачки места и понатаму се сметаат за ризични. Шемите се менуваат, но логиката останува иста: сиромаштијата, зависноста и локалната моќ продолжуваат да ја јадат изборната волја.
Затоа прашањето веќе не е само дали Бугарија ќе организира уште едни избори, туку дали конечно ќе покаже дека државата може да биде посилна од мрежите што со години живеат од контролираниот глас. И ОБСЕ/ОДИХР веќе отвори набљудувачка мисија, што е јасен сигнал дека меѓународната заедница го чита овој вот како тест за демократската отпорност на земјата. Ако ни овојпат не се пресечат истите практики, тогаш проблемот нема да биде само во купените гласови, туку во држава што одамна се навикнала да живее со нив.
