Бугарското МНР до Муцунски: ЕУ патот зависи од преземените обврски

Министерството за надворешни работи на Бугарија реагираше на изјави на македонскиот министер Тимчо Муцунски, оценувајќи дека во јавноста се пласираат „нејасни и манипулативни тврдења“ за наводна иницијатива на „поголеми и повлијателни“ земји членки на ЕУ за средба меѓу Софија и Скопје. Во бугарската реакција се потенцира дека европскиот консензус од 2022 година бил усвоен едногласно од земјите членки на ЕУ и прифатен и од Северна Македонија, па оттаму порачуваат дека напредокот зависи „единствено и исклучиво“ од спроведувањето на преземените обврски.

Во истиот тон, бугарската страна наведува дека е подготвена за отворен дијалог за други прашања, но истовремено посочува дека Муцунски, според нив, не покажал подготвеност за таков пристап во пракса, наведувајќи ја како пример одбиената покана за негова посета на Софија на 25 ноември 2025 година по повод одбележување на делото на Свети Климент Охридски.

Реакцијата доаѓа откако Муцунски претходно изјави дека од Брисел имало иницијативи за организирање средба со бугарскиот колега Георг Георгиев, но дека од бугарска страна немало позитивен одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен