Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Булингот расте – загрозени дури и првачињата!

Врсничкото насилство во училиштата добива загрижувачки размери, предупредуваат од Народниот правобранител. Според нивните податоци, досега се поднесени околу 30 пријави за булинг, додека на интернет-адресата на Државниот просветен инспекторат пристигнале уште 10 од родители. Државниот советник Васка Бајрамовска Мустафа вели дека стручните служби во училиштата сè уште не успеваат ефикасно да ги препознаат облиците на насилство, што ја намалува довербата на учениците и родителите во педагозите и психолозите. Насилството најчесто се случува во основните училишта, а шокантно е што случаи се регистрирани и кај ученици од прво и второ одделение.

„Децата треба од најмала возраст да учат дека конфликтите се решаваат преку разговор, а не со насилство. За жал, насилството во училиштата често е начин за доминација, а жртви се најчесто емоционално послабите, повлечените или оние со посебни потреби,“ изјави Бајрамовска.

Министерството за образование истакна дека по секоја пријава постапува нивната педагошка служба, која стапува во контакт со училиштата, родителите и учениците. „Училиштата се должни да планираат активности за превенција и подигнување на свеста за мирна училишна средина,“ велат од МОН.

Насилството често продолжува и надвор од училишните дворови. Според полициските билтени, покрај тепачките, се бележат случаи каде што насилниците користат и оружје. Од Министерството за правда потврдуваат дека се работи на формирање општински совети за превенција од детско престапништво, кои ќе се занимаваат со теми како зависности, врсничко насилство и безбедно користење на интернетот.

Социолозите предупредуваат дека врсничкото насилство е одраз на пошироките општествени проблеми. Родителите треба да обрнуваат поголемо внимание на своите деца и да ги препознаваат знаците на промена. „Наставниците, а не социјалните медиуми, треба да ја имаат воспитната улога во формирањето на младите личности,“ велат експертите.

Булингот не е само физички, туку сè почесто се појавува и на интернет, каде што преку социјалните мрежи се шири говор на омраза, се омаловажуваат ученици и се злоупотребуваат фотографии на малолетници. Законската регулатива предвидува и прекршочни казни за родителите на насилниците.

Потребно е итно и заедничко дејствување на институциите, училиштата и семејствата за да се спречи оваа негативна појава што ги загрозува најмладите.

Зачлени се на нашиот е-билтен