Брзиот развој и масовната употреба на вештачка интелигенција во 2025 година предизвикале еколошки последици со размери споредливи со емисиите на цел еден мегалополис, покажува ново истражување. Според анализата, употребата на AI системи во текот на оваа година ослободила количина на јаглерод диоксид еднаква на годишните емисии на Њујорк, додека потрошувачката на вода поврзана со оваа технологија ја надминала вкупната глобална побарувачка за флаширана вода.
Истражувањето го спровел холандскиот академик Алекс де Врис-Гао, основач на платформата Digiconomist, која се занимава со анализа на несаканите последици од дигиталните трендови. Тој наведува дека ова е прв обид систематски да се измери специфичното влијание на вештачката интелигенција врз животната средина, одвоено од вкупното влијание на дата-центрите, во услови кога употребата на чет-ботови како ChatGPT и Gemini нагло пораснала во 2025 година.
Според проценките, емисиите на стакленички гасови поврзани со AI веќе изнесуваат повеќе од 8 проценти од вкупните глобални емисии од авионскиот сообраќај. Годишниот јаглероден отпечаток на AI системите може да достигне и до 80 милиони тони CO₂, додека потрошената вода се проценува на околу 765 милијарди литри. Ова значи дека само вештачката интелигенција троши повеќе вода од сите претходни проценки за вкупната потрошувачка на вода од дата-центрите во светот.
„Еколошката цена на оваа технологија е огромна во апсолутни бројки. Во моментов, општеството ги плаќа тие трошоци, а не технолошките компании. Прашањето е дали тоа е правично. Ако тие ги собираат придобивките, зошто да не сносат и дел од последиците?“, изјави де Врис-Гао, повикувајќи на построги обврски за транспарентност во извештаите за климатското влијание на големите технолошки компании.
Меѓународната агенција за енергија (IEA) уште претходно предупреди дека дата-центрите фокусирани на вештачка интелигенција трошат количини електрична енергија споредливи со алуминиумските топилници, а се очекува потрошувачката на електрична енергија од дата-центрите да се удвои до 2030 година.
Критики доаѓаат и од граѓанскиот сектор. „Ова е уште еден доказ дека јавноста ја плаќа еколошката сметка за една од најбогатите индустрии во светот. А ова веројатно е само врвот на ледениот брег“, изјави Доналд Кемпбел, директор за застапување во британската невладина организација Foxglove. Тој предупредува дека изградбата на нови ‘хиперскали’ дата-центри, поттикната од генеративната AI, допрва ќе го засили климатскиот притисок.
Според IEA, најголемите дата-центри што моментално се градат ќе трошат електрична енергија колку околу два милиона домаќинства. Најголемиот дел од глобалната потрошувачка доаѓа од САД (45 проценти), потоа Кина (25 проценти) и Европа (15 проценти).
Истражувањето посочува и дека извештаите за животната средина на технолошките компании често не овозможуваат целосен увид во вистинското влијание на дата-центрите, а уште помалку во специфичната потрошувачка поврзана со вештачката интелигенција. Како пример, де Врис-Гао наведува дека Google, при известувањето за својот AI модел Gemini, не ја вклучил водата потрошена за производство на електричната енергија што го напојува системот.
Иако Google соопшти дека во 2024 година успеал да ги намали емисиите од своите дата-центри за 12 проценти преку користење на почисти извори на енергија, компанијата призна дека остварувањето на климатските цели станува сè покомплексно поради бавната примена на технологии без јаглерод на глобално ниво.
Извор: Guardian