Луксузни бункери во Дубаи: елитата се подготвува за најлошото

Foto: X

Во Дубаи, градот што долго време важеше за една од најлуксузните дестинации во светот со небодери, палати и екстремно богати жители, се појави нова реалност на заштита: бункери и безбедни простории дизајнирани за елитата, кои поради геополитичката неизвесност добиваат поинаква примена. Овие засолништа, првично замислени како заштита од криминал или напад, сега можат да послужат и како склоништа во случај на ракетни или други напади. 

Многу од најлуксузните приватни резиденции во градот — вили, пентхауси и големи имоти — уште пред конфликтот имаа вградени „соби за паника“, утврдени подруми и ојачани безбедни простории со дебели ѕидови и специјални системи за вентилација. Цената за изградба на вакви засолништа може да достигне милионски износи, поради што тие долго време биле луксуз достапен само на најбогатите. 

Една од најистакнатите локации што се наведува како пример за вакво утврдено засолниште е палатата Забил, дом на владетелската фамилија во Дубаи, која се смета за една од најдобро заштитените градби во Емиратите. Таа има неколку високотехнолошки безбедни простории со независни системи за напојување што би овозможиле долготрајна безбедност и изолација. 

Инжинерите што работат на овие проекти наведуваат дека таквите засолништа често имаат ојачани врати, систем за комуникација, свој извор на електрична енергија и можност за долгорочно функционирање без надворешни ресурси, што е особено важно во време на криза. 

За оние богаташи што ја немаат вградената опрема, други делови од нивните домови — како подруми, теретани или заштитени простории под земја — често служат како импровизирани засолништа, а во некои луксузни хотели имало упатства гостите да се преселат во простории подалеку од прозорците во случај на закана. 

Иако многу од овие бункери веројатно никогаш не биле користени пред конфликтот, новите безбедносни загрижувања и заканите од нападите го поставија прашањето колку ваквите структури можат да обезбедат чувство на заштита за оние што можат да си дозволат да ги изградат.

Зачлени се на нашиот е-билтен