- Кампањата е како бурекот. Ние кога купуваме бурек со сирење, бурекџиите ни даваат бурек со урда
- Дека политичарите не јадат бурек, се виде и во „математичките непрецизности“ на лидерите на двете најголеми партии
- Иако сме сиромашна држава, во овие триесет години, во името на „репрезентациите,“ владините функционери трошеле милиони евра!
СЕФЕР ТАХИРИ
„Ако имаш бурек, имаш сè!“ Вака некако велат Босанците.
И после изборите, без разлика на резултатот, очигледно ќе продолжиме да се храниме со бурек или ѓеврек. Ако има за јогурт, тие што ќе бидат на власт, веројатно ќе мислат дека треба да им се заблагодаруваме со по некој статус на социјалните мрежи во стилот „Фала, драга власт, што ни овозможуваш да јадеме бурек.“
Претендентот за премиерската функција, Христијан Мицкоски, споредбата на економскиот статус на граѓанинот со минатото го направи токму со цената на бурекот, истакнувајќи дека „Четврт бурек со јогуртче беше 50 денари, а сега чини 120 денари и ова е врв на мизеријата.“
Ковачевски, очигледно следејќи го наративот на опозицијата, се обиде да објасни дека „во времето на ВМРО-ДПМНЕ со просечната плата можеше да се купат 170, а сега 270 четвртини бурек.“ Секако, следејќи го бурек наративот на поранешниот премиер, треба да се каже дека веројатно и тој не јаде бурек, бидејќи ако просечната плата е 36.000 можат да се купат 400 четвртини бурек!
Како и да е, кампањата веќе е започната и тоа доста мрсно.
Некој напиша или кажа дека и кампањата е како бурекот. Ние кога купуваме бурек со сирење, бурекџиите ни даваат бурек со урда. Така и политичарите ќе ветуваат бурек со месо, а ќе добиваме со кромид!
Пред да стапат на функции, политичарите ветуваат дека нема да јадат со потпис, демек на државна сметка, но како што сме виделе и во времето на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, се јадело „без усул.“
Знаеме дека политичарите не јадат бурек, а тоа се виде и во „математичките непрецизности“ на лидерите на двете најголеми партии. Како што видовме, нити со просечната плата се купуваат 270 четвртини бурек, но ниту бурекот со јогурт во поновата историја не чинел 50 денари.
Политичарите, особено во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски, јаделе кавијар, стекови од бизони или коњи, срна во сос од вргањ, јадења од дивеч, октопод на скара, запечени ракчиња. Без аспарагус немало ручек! Традиционална кујна ептен нели?
Се пиелo скапo винo и џин! Еден функционер во еден хотел пиел вода која чинела 80 евра. Замислете колку чинел престојувањето.
Имало и позитивни примери. Министерот за култура, Асаф Адеми ја заврши кариерата како министер за култура со 0 трошоци.
Некаде во 1996 година, во дневниот весник „Вечер“ прочитав едно долго интервју, во кое, меѓу другото, поранешниот премиер, Бранко Црвенковски изјавуваше дека поради големите обврски и државни ангажмани на позицијата која ја имаше, често се хранеше со еден добро подготвен хамбургер. Беа почетоците на плурализмот и тогашните „спин доктори“ ја смислиле оваа приказна, дека и премиерот е како народот, затоа што не се храни „скапо“ туку со бургер, кој не чини многу.
Вистината е дека, иако сме сиромашна држава, во овие триесет години, во името на „репрезентациите,“ владините функционери трошеле милиони евра!
Било кој да е во иднина на власт, нека се воздржи малку во јадењето на државна сметка. Се живее и без месо од бизон!
Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор.
ЦивилМедиа