Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бузалковска го поставува „Иванов” од Чехов во МНТ

Во Македонскиот народен театар – Скопје започнаа пробите за новата претстава „Иванов”, по текстот на А. П. Чехов. Адаптацијата и режијата се на Зоја Бузалковска, а преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа.

Во претставата ќе настапат Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.

Сценографијата е на Зоја Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, музиката е на Давид Ангелевски. Спортските качувања и движења се на Александар Зарапчиев, а физичките вежби и движења се на Нина Деан.

На сцената на Македонскиот театар од авторот А. П. Чехов до сега се поставени драмите „Галеб” (1960, 1990 и 2018), „Три сестри” (1970), „Иванов” (1984), „Вишновата градина” (1997 и 2010), „Малиот човек” (2004), „Вујко Вања” (2015).

Првата пиеса во драмското творештво на Чехов е токму „Иванов“, и нејзината праизведба се случила во 1887 година, на сцената на московскиот театар на Ф. А. Корш – страстен љубител на театарот, автор и преведувач на пиеси, но и ефикасен претприемач, кој во 1882 година изградил театар за многу кратко време

Чехов пишувал дека целта во неговата пиеса била да го прикаже таканаречениот просечен човек. Критичарите правеле споредби на Иванов со Хамлет, иако самиот Иванов ја отфрла таквата претензија. Драмскиот лик на Иванов во руската театарска и литературна критика предизвикал бројни расправи, спорови и интерпретации, а посебно била остра реакцијата на руската либерална интелигенција од ерата на Чехов. Во тој период од книжевноста се очекувале големи вистини што ќе помогнат животот преку ноќ да се смени, а Чехов не давал едноставни одговори. Напротив…

Ова е четврта претстава која Бузалковска ја поставува во МНТ – по „Песочна сложувалка” (1999), „Вујко Вања” (2015) и „Квартет” (2016).

Премиерата се очекува во текот на мај.

Зачлени се на нашиот е-билтен