Обединетото Кралство и Германија се подготвени да ја заштитат Европа од заканата од понатамошна руска агресија, порача кралот Чарлс во силна политичка порака испратена од Виндзор, каде што беше домаќин на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер. На државниот банкет во чест на германскиот шеф на државата, британскиот монарх го пофали заедничкиот одбранбен договор меѓу двете земји, нагласувајќи дека Лондон и Берлин стојат „рамо до рамо“ со Украина и ја зајакнуваат европската безбедност.
Ова е прва државна посета на германски претседател на Обединетото Кралство по 27 години. Во салата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор, пред околу 160 гости, Чарлс испрати порака дека руската агресија врз Украина не е само напад врз една држава, туку закана за целиот континент. Затоа, како што истакна, за заштита на Европа е клучно сојузништвото на демократските држави и нивната подготвеност да ја поддржат Киев во одбраната на слободата и суверенитетот.
Штајнмаер, кој на вечерата седеше до принцезата од Велс, ја искористи посетата за да проговори за „обновување на врските ослабени од Брегзит“. Тој го пофали т.н. Кензингтонски договор како рамка за ново поглавје во односите меѓу Лондон и Берлин и порача дека двете земји заедно работат „за слободна и мирна Европа“ и за продолжување на поддршката за Украина – политички, воено и хуманитарно.
Германскиот претседател беше пречекан со највисоки државни почести: 41 топовски салут, почесна гарда и свечено подигнато кралско знаме на Виндзор. Заедно со кралот Чарлс и кралицата Камила, тој и сопругата Елке Буденбендер се возеа со кочија низ Виндзор, симболичен гест кој ја потсети јавноста дека, и покрај тензичниот период по Брегзит, односите меѓу двете земји повторно се движат кон поблиско партнерство.
Во политички дел од посетата, германскиот претседател оцени дека односите меѓу Лондон и Берлин сега се „во многу подобра состојба“ отколку во тешките постбрегзит години. Британскиот премиер Киер Стармер нагласи дека двете држави „многу блиску соработуваат“ по прашањата за Украина, миграцијата, економскиот раст и трговијата, испраќајќи сигнал дека Британија, иако надвор од Европската унија, останува клучен партнер во европската безбедносна архитектура.

