Музиката која се изведува јавно ќе мора да биде со темпо од 80 до 116 удари во минута, со што се исклучува голем дел од западната поп и техно музика, но и руската химна, која најчесто се свири побавно од 80 удари во минута
Отсега во Чеченија, музиката која ќе се изведува јавно ќе мора да е меѓу 80 и 116 удари во минута, најави министерот за Култура Муса Дадаев, а пренесува Скај њуз. Со новата одлука, се забранува музика и кореографски написи кои се пребавни или пребрзи, со што ќе се забрани голем дел од западната поп музика, како и техно музиката.
Министерот Дадаев најави дека одлуката е донесена во координација со лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров и дека целта е да се заштити чеченскиот национален идентитет и културно наследство, односно целта е музичките дела да соодветствуваат со чеченскиот менталитет и „музички ритам“.
„Позајмувањето на музичка култура од други народи е недозволиво“, наводно рекол Дадаев.
На артистите им е дадено до 1 јуни да ги реаранжираат своите дела да се совпаднат со новиот стандард, кои важи и за кореографски настапи. Доколку не го сторат тоа, тие нема да можат да ја свират својата музика јавно.
Се чини изведувачите на руската химна во Чеченија од 1 јуни ќе мораат малку побрзо да ја свират руската химна. Таа најчесто се свири во бавно темпо, а темпото кое го пишува на официјалната партитура е 76 удари во минута, помалку од новозададениот минимум од 80.
Инаку, Чеченија е позната по своите прекршоци на човекови права, особено кога станува збор за ЛГБТИ популацијата, која е гонета и апсена во руската република. (Мета)