Чернобил повторно над Европа?

Нуклеарна централа во Запорожје

Најголемата нуклеарна централа во Европа – Запорожје – веќе шест дена функционира без надворешно напојување и се потпира исклучиво на дизел генератори за итни случаи. Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) изрази сериозна загриженост, бидејќи централата се наоѓа во критична состојба, а не е јасно колку долго резервното гориво ќе може да ги одржува системите за ладење и безбедност.

Ситуацијата е оценета како една од најопасните досега, бидејќи прекинот на струја може да предизвика сценарио налик на Фукушима во 2011 година или дури на Чернобил од 1986 година. Ова е десетти ваков инцидент од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Украинските власти потврдија дека централата останува исклучена од електромрежата, со „значителни нарушувања на нормалното функционирање“. Според Гринпис Украина, постојат индиции дека Русија намерно ја прекинала врската со украинската мрежа, додека истовремено гради нови далекуводи и систем за ладење под своја контрола.

Запорожје е под руска окупација од првите денови на војната, но неговите шест реактори и понатаму содржат нуклеарно гориво кое мора постојано да се лади. Доколку генераторите откажат, ризикот од нуклеарна катастрофа е реален, предупредуваат експерти.

IAEA продолжува со инспекции и контакти со руските и украинските власти, но засега нема решение за враќање на надворешното струјно снабдување.

Зачлени се на нашиот е-билтен