Четири децении грижа, илјадници бебиња: Приказната на патронажната сестра Снежана Какасулис

Снежана Какасулис е патронажна сестра со 40 години работен стаж – професија што ја избрала уште како девојка, на неполни 19 години, и на која ѝ останала верна цел живот. Денес, без двоумење вели: и повторно би го направила истиот избор.

Голем дел од својот работен век го поминала на терен, во село Вратница, каде цели 25 години работела со семејства, родилки и новороденчиња. Тоа бил период кога во селото имало многу породувања, многу бебиња и многу живот. Во некои години, се раѓале и до 250 бебиња годишно.

„Се одеше од куќа до куќа, се ставаше БСЖ вакцина, сè беше опфатено. Беше мила, добра работа. Секојдневно си со деца, им помагаш на колешките при вакцинација и потоа ги гледаш како растат“, раскажува Снежана.

Работата никогаш не ѝ била тешка, иако најчесто се одело пеш, од дом до дом. Причината е едноставна – љубовта и радоста што секојдневно ги добивала од луѓето не оставаат простор за замор или тешкотии.

Во минатото, породувања имало и во домашни услови. Една случка засекогаш ѝ останала врежана во сеќавање. Била штотуку започната со работа, имала само 19 години, кога родилка се породила во автомобил. Благодарение на лекарот и тимската работа, породувањето поминало безбедно – се родило здраво машко дете, четврто по ред во семејството.

„Тоа се моменти што никогаш не се забораваат“, вели таа.

Денес, кога оди во домовите, состојбите се различни – некаде има проблеми, некаде не. Општествената реалност е поинаква, но едно останало исто: радоста поврзана со бебињата.
„Секогаш успеваме да се реши сè како што треба“, додава таа мирно.

За Снежана, оваа професија бара посебна човечка состојба.
„За да ја работиш оваа работа, мора да бидеш смирен. Каков и да ти е денот, кога ќе влезеш во куќа со бебе – мора да си смирен.“

Најголемата награда за неа не се бројките, ниту годините стаж, туку благодарноста.
„Ме исполнува тоа што луѓето се благодарни. Кога ќе ме сретнат на улица, каде било, ме поздравуваат со почит – затоа што сум помогнала кога било потребно.“

За Снежана Какасулис, да се биде патронажна сестра значи движење, комуникација, соработка и – најважно – грижа.
„Ова е најдобрата работа. И сега, ако можам повторно да бирам, повторно би одбрала да бидам патронажна сестра. Никогаш во животот не се покајав што 40 години ги поминав во патронажа.“

Ова е една од оние тивки, но длабоки приказни што ретко се гледаат, а без кои секојдневието не би било исто.
Ова е НАША ПРИКАЗНА.

Зачлени се на нашиот е-билтен